Македонија, но и целиот свет две години води битка со коронавирусот, а дури сега кај нас се јавно се објавени препораките за лекување на ковид пациенти.
Од Комисијата за заразни болести велат дека не станува збор за унифицирани протоколи, зошто требало да поминат подолга законска процедура, туку за насоки за лекарите за да имаат усогласен пристап во третманот на болните во секоја фаза од тестирање до хоспитализација.
Препораките не се обврзувачки, сепак докторот има право сам да одлучи како во момент ќе го третира пациентот.
Од Комисијата тврдат дека и претходно се користеле неколку верзии на препораки за лекување Ковид пациенти, но имало проблем со споделувањето и затоа дури деновиве се дистрибуирани до здравствените установи.
– Оваа верзија која е од септември 2021 година и е четврта или петта верзија ќе претрпува промени, како ќе се менуваат интернационалните научни сознанија ќе се менуваат. Тие се предвидени да бидат водич за сите лекари вклучени во лекувањето и третирањето на ковид пациенти и немаат обврзувачки карактер, но се тука да послужат од едно место да се црпат релевантни информации, за да не доаѓаме во ситуација некој лекар да советува терапија која не е препорачана, тука пред сè мислам на ивермектин и да е прашање и денес дали овој лек е во некој протокол во некаква препорака или не е – изјави проф. д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Од Комисјата потенцираат дека иако препораките се објавени јавно тие не се наменети за граѓаните сами да се лекуваат туку за здравствените работници кои третираат ковид пациенти.