Болниците во Газа се преоптоварени и се соочуваат со недостиг од лекови, медицински материјали и електрична енергија, предупредија денеска Лекари без граници (МСФ), додека хуманитарната криза брзо се влошува во палестинската енклава поради израелско бомбардирање.
Израел ја засили својата воздушна офанзива во Газа по нападот на Хамас за време на викендот, оставајќи стотици илјади раселени, а многумина отсечени од храна и електрична енергија.
Аврил Беноа, извршен директор на МСФ-САД, вели дека агенцијата „регистрирала недостиг од вода, електрична енергија и гориво, а дел од болниците се потпираат на генератори“.
– Некои болници имаат гориво само за четири дена – рече таа.
– Клиниката на Лекари без граници во градот Газа беше малку оштетена од експлозија во понеделникот, но се уште е во функција. Во нападите загинаа медицинска сестра и возач на брза помош, а неколку други беа повредени -рече Беноа.
Бројот на загинати во Газа се искачи на 950, а 5.000 се ранети во израелските воздушни напади, според Министерството за здравство на Газа.
Најмалку 1.200 луѓе загинаа во Израел по нападот без преседан на Хамас во саботата, според израелските одбранбени сили.
Лекари без граници соопштија дека во моментов не работат медицински програми во Израел, но ја понудиле својата поддршка на израелските болници кои лекуваат „голем број жртви“.