Лекот за дијабетес „Оземпик“ (Ozempic), којшто многу жени го користат и за слабеење, има уште еден „неочекуван ефект“ – бременост, објави Пипл.
Дека сево ова не е случајност, се чини, укажува тоа што на интернет сè почесто се појавуваат приказни за жени кои забремениле поради „Оземпик“. Лекот некако „ги неутрализира“ контрацепциските средства коишто корисничката ги зема истовремено.
Други, пак, мислеле дека се неплодни, па бременоста ги изненадила. Жена раскажува дека не можела да забремени неколку години, па со партнерот им успеало откако таа 2 месеца редовно земала „Оземпик“ за да ослаби. Родила здраво дете.
Испаднало дека самото губење тежина влијае врз плодноста и врз општото хормонално ниво.
– Дури и ако станува збор за само неколку килограми, тоа веќе може да доведе до продолжување на овулацијата и поголема можност за забременување. Нашите масни клетки произведуваат естроген којшто може да има негативен ефект врз јајниците и врз овулацијата. Тоа може негативно да влијае и на слузницата на ендометриумот – вели акушер-гинекологот Иман Салех.
„Оземпик“ со својата формула го намалува и ефектот на контрацепциските лекови, што бара дополнително внимание додека се зема овој лек.
Сепак, лекарите забрануваат земање на лекот само со цел забременување бидејќи тоа е премногу опасно за мајката, а и за детето.
„Испитувањата на стаорци, зајаци и на мајмуни покажуваат дека лековите за слабеење може да предизвикаат спонтан абортус и вродени деформитети ако се земаат за време на бременоста. Сè уште нема студии за луѓе. Жената, исто така, треба да престане да зема лек за слабеење најмалку 2 недели пред бременоста“, препорачува компанијата-производител на лекови „Ново Нордиск“.
Опасностите се преголеми за да се експериментира, според лекарите.