Легендарната битолска панк група „Чоканче“ по прилично долго време лансираше нова песна, која, иако можеби не е временски нова, сепак е вонвременска темата што ја обработува самата песна.
Плусинфо разговараше со фронтменот на бендот, Бранко Шпољариќ – Паљач, кој ни објасни дека целата 30-годишна историја на Македонија е опишана во 5-минутниот музички запис „Игра рок ен рол цела Македонија“.
– Во 5 минути успеавме да го опишеме секојдневието и суровата реалност во секој град во Македонија. Дрога, силикони, малограѓанштина, корупција, изгубени генерации, интелектуален егзодус, уништен здравствен и школски систем, политичко историска социјална мизерија, колапс на сѐ. Песната е напишана пред неколку години, ама е вонвременска, бидејќи состојбата е иста и ништо нема да се смени. Така вели и последниот стих: „Ништо нема да се смени и ти нема да се смениш. Ќе останиш пијаница и нема да се жениш“ – ни изјави Паљач.
Песната е снимена во студиото на Владко Симоновски, снимател и продуцент е Владко Симоновски. Тапаните ги сними Иле Лулевски, гитарата е на Зоран Илиевски – Скроч, вокал Бранко Шпољариќ – Паљач, басот е на Крсте Симоновски – Крчо, гитара Игор Беговски – Ќебап.
Во продолжение, слушнете го музичкиот запис: