Поранешниот претседател Доналд Трамп го нападна актуелниот Џо Бајден поради говорната маана на предизборен митинг во Џорџија.
Доналд Трамп не престанува да се потсмева на Џо Бајден. Неодамна се сврте кон неговите години, а сега го исмеваше актуелниот претседател за пелтечење.
Последниот напад врз Бајден се случи во текот на викендот во Џорџија.
– Ќе ја соберам земјата тух-тух-тух-заедно. Извини, м м м пелтечам малку – рече Трамп имитирајќи го пелтечењето на Бајден.
Говорот на Бајден за состојбата на нацијата, исто така, не му одговараше на Трамп.
– Дали сте го виделе? Цело време пелтечеше. Воопшто не можев да го разберам. А потоа вели дека сум закана за демократијата. Тој е закана за д-д-д-демократијата – рече Трамп, глумејќи дека пелтечи.
Некои корисници на „Х“, порано познат како Твитер, го нападнаа Трамп поради овие коментари.
– Десет проценти од децата пелтечат. Бајден им помагаше на децата кои пелтечат, а Трамп им се смее затоа што е само грд, злобен силеџија – напиша корисничката Викторија Браунворт на X.
Говорите на Бајден се адаптирани и поради неговиот хендикеп, а актуелниот американски претседател стана предмет на потсмев поради бројните гафови кои немаат врска со неговото пелтечење.