Најголемата кошаркарска ѕвезда на денешницата, 37-годишниот Леброн Џејмс, одлучи предвреме да ја заврши сезоната во НБА лигата поради повреда на левиот зглоб, објави неговиот тим Лос Анџелес лејкерс.
Лејкерси во средата останаа и без теоретски шанси за пласман во плејофот, па Џејмс, кој ја има повредата на зглобот од 27 март и во изминатите две недели одигра само еден натпревар, одлучи да го пропушти вчерашниот дуел на домашен терен против Оклахома, а нема да биде во составот ниту на утрешното гостување кај Денвер.
Мотив да го доигра регуларниот дел за Џејмс не беше ниту борбата за титулата најдобар стрелец во Лигата, која ја освои само еднаш во кариерата (2008 година). Кошаркарот на ЛА Лејкерс сезонава на 56 одиграни натпревари има просек од 30,3 поени, само 0,1 помалку од моментно водечкиот центар на Филаделфија, Џоел Ембид.