Партијата Национален собир на Мари ле Пен е во водство со 34 отсто освоени гласови, покажуваат првите излезни анкети по денешниот прв круг гласање на вонбредните парламентарни избори во Франција кои ги објави ТВ Франс 2.
На второто место е левичарската коалиција „Нов народен фронт“ со 28,1 отсто освоени гласови, а трета е коалицијата „Заедно“ на актуелниот претседател Емануел Макрон со 20,3 отсто освоени гласови. На четврото место е Републиканската партија со 10,2 отсто гласови.
Избирачките места во Франција беа затворени во 20 часот по денешните избори на кои право на глас имаа над 49 милиони граѓани кои бираат 577 пратеници во Националното собрание.
По објавените излезни анкети, францускиот претседател Емануел Макрон разговараше за новинската агенција АФП. Францускиот претседател ги повика гласачите да се соберат зад „републиканските и демократски“ кандидати во вториот круг следната недела. Макрон го поздрави и големиот одѕив на гласачите во денешниот прв круг.
По првите резултати се огласи и Марин Ле Пен.
– Демократијата проговори. Ништо не е добиено и вториот круг ќе биде одлучувачки за да се спречи земјата да падне во рацете на екстремната левица со насилни тенденции. Потребно ни е апсолутно мнозинство за да го назначиме Џордан Бардел за премиер за осум дена – рече Ле Пен.
Вториот круг на изборите е закажан на 7 јули.