Лажни се пријавите за поставени експлозивни направи во училишта, трговски центри и во објекти во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) откако вечерва завршија сите потребни проверки.
„Во 19.10 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 средни училишта и 5 други објекти во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопшти МВР.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки.
Денеска околу 13.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на 12 средни училишта, како и на МРТВ, Транспортен центар, ГТЦ, Џевахир сити, ТЦ Ист гејт, ТЦ Сити мол е упатена закана за поставена експлозивна направа.