Лажни еко активисти и луѓе на високи позиции од различни политички страни по последните 15 години свесно работат на финансиско разнебитување на Македонија и едноставно државата сакаат да ја стават во стечај, пишува во својата најнова колумна Виктор Грозданов, аналитичар и металуршки инженер. Македонија може да напредува само со комплетна индустријализација и така да ја сопре сопствената економска пропаст, но овие ликови, вели Грозданов, од клиентелистички побуди играат на картата емоција против рудникот Иловица Штука.
„И овие скриени личности Ви се претставуваат како академици, професори, политичари, аналитичари, новинари итн, а впрочем се ‘Сеjачи на страв’. Играат на картата емоција. А емоција е најбитната алатка во Македонија од која излага несекојдневниот израз познат само за овие простори: ИНАЕТ. Морам да признам мошне умно. Ама инаетот има две страни. Е на едната страна сум јас и оние кои промовираат Индустријализација преку Металургија која ќе го користи своето природно богатство на металична руда во вредност од 18 милијарди евра и ќе го зголеми преку екстрактива и преработувачка металургија на 70 милијарди евра. Има да се направи инвестициски фронт за производство до последен штраф, а ископан и истопен во Македонија“, пишува Грозданов.
Тој всушност во оваа колумна ги разоткрива вистинските причини зошто одредени еко активисти критикуваат за рудникот Иловица – Штука, но не и за останатите рудници во земјава. Една од нив е Милена Зафирова која аплицирала за археолог, но не била примена во рудникот, а исто така и нејзиниот татко кој работел со поранешниот директор на Иловица Штука, но сега не е ангажиран од новото раководство. Грозданов вели дека Милена ѝ должи неколку одговори на јавноста: „Дали организирала протести и плаќала по 1500 денари и сендвич? Дали собирала пари од оние кои во туѓина со тешки маки го вадат лебот и наводно после ги трошела на разни туристички дестинации? Точно ли е дека нејзината мајка била директор во некое комунално претпријатие (Огражден, во Општина Босилово)? Дали е вистина дека во истото претпријатие направила штета од 300.000 илјади евра?“.
Грозданов во својата колумна го споменува и Ангел Наков кој не успеа да го реализира проектот за ски центарот Кожуф, кој сега е во стечај
„И веднаш, Владата е крива! Не му го направила патот зашто ќе се отвораат рудници. Анџел облече одора на жртва“, пишува Грозданов.
Грозданов тврди дека на овие платеници им гори под нозете, затоа што не го испорачале она што го ветиле на своите наредбодавци.
„Можеш да им ветиш на Русите дека ќе исполниш една задача, може и пари однапред да им земеш, ама ако се дрзнеш да ги излажеш и да не го испорачаш ветеното, е тогаш има да има сериозни последици. Додека не се порамнат Русите не престануваат! Нека му ја мислат овие лажните еко активисти. И да не се чудите што панично се поставуваат рокови во кои Владата според нив ќе морала да ги одземе концесиите за рударскиот комплекс Иловица – Штука. Им гори под нозете, Како и да е, мене ме интересира само една работа. Наредбодавците на т.н. екологисти мора да бидат разоткриени зашто позади тоа стојат финансиски и политички интереси. Овие интереси кочат сериозен финансиски развој кој можеме да го исполниме само преку западните сили“, констатира Грозданов.
Освен кон лажните еко активисти, Грозданов во својата колумна продолжува со обвинувањата кон МАНУ. Според него Академијата избрала да ја манипулира јавноста во корист на Бучим, а Ванчо Чифлиганец во својата книга си ја кажал вистината дека од Бучим покрај бакар се вадело и злато. Но, МАНУ во својата „Стратегија за геолошко истражување и одржливо истражување и експлоатација на минерални суровини во Македонија од 2025-2045“ вели дека „Бучим е рудник само за бакар“.
„Ова може да го напише само Блажо Боев, дописен член на МАНУ, професор по геологија (петрологија, геохемија и минерологија), професор и ректор на Универзитет Гоце Делчев во Штип. Па добро бре Блажо, каде е златото? Да не исчезна случајно?“, прашува Грозданов.
Грозданов говори и за уште една манипулација поврзана со рудниците. Според МАНУ, во Бучим досегашните испитувања покажуваат дека постоел пренос на прашина само во непосредна близина на рудникот и јаловиштето. Токму кога дошла Солвеј Инвестмент Групација вложила 78 милиони евра за заштита на животната средина преку модернизација на технолошкиот процес за експлоатација. И внимавајте еден од најголемите потфати е пошумувањето на јаловиштето.
„Овој дел во стратегијата јас слободно ја толкувам вака на јазикот на лажните еко активисти: Само рудникот Бучим, инаку инвестиција на нашата ‘мајка’ Русија ги има сите заштитни механизми за животната средина и со тоа има монопол на напредна технологија, што секако не можат да ја имаат и други наоѓалишта. Затоа Бучим мора да е доминантен играч и во новите рударски капацитети или тие не смеат да се изградат. Затоа, Македонија како нејзина рударски посвоена ‘ќерка’ мора да ги исполни руските финансиски и геостратегиски интереси“, пишува Грозданов и додава како една ваква научно-образовна институција може да манипулира во корист на држава која не сака да ја види Македонија во евроатлантските структури.