Фотографијата од наводната официјална средба помеѓу новоизбраниот собраниски спикер Африм Гаши со косовската преседателка Вјоса Османи ја разлути македонската јавност на социјалните мрежи поради тоа што за време на средбата не било истакнато македонското знаме.
Граѓаните масовно ја споделуваат фотографијата, се лутат, пишуваат недолични коментари, фрлаат со дрвја и со камења кон партијата на Христијан Мицкоски која го предложи Гаши за претседател на Собранието…
Но, всушност, се работи за класично недоразбирање.
Имено, станува збор за ланска фотографија направена на 6 февруари 2023 година, кога Адрим Гаши во својство на лидер на Алтернатива се сретна со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи. И на таа средба, тој во ниедно својство не ја претставуваше Република Македонија, па затоа и никако не може да му се земе за зло фактот дека прифатил средба со странски политичар без да биде истакнато македонското знаме на масата.
Како дојде до забуна?
Новоизбраниот претседател на Собранието, Африм Гаши, доби многу честитки од домашни и од странски политичари по преземањето на функцијата.
Една од странските политичарки која меѓу првите му честиташе беше токму косовската претседателка Вјоса Османи:
„Честитки до штотуку избраниот претседател на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши и посакуваме да има многу успеси на оваа важна позиција! Албанците од Северна Македонија одиграа клучна улога во формирањето на Северна Македонија како држава и во нејзиното градење како држава. Тие се денес клучни придонесувачи за нејзинта европска перспектива. Нашите држави имаат одлични меѓусоседски односи, засновани врз заемна почит, пријателство и соработка“, гласеше честитката од Османи која беше објавена на социјалната мрежа Икс, заедно со заедничката фотографија од средбата во 2023 година.
Инаку, на средбата на 6 февруари 2023 година во Косово, Гаши беше придружуван од тогашниот потпретседател на Собранието, Хисни Исмаили, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, и пратеничката Сафије Садики Шаини.
Во името на Алтернатива, тогаш Гаши ја истакна поддршката на Северна Македонија за евроатлантските интеграции на Република Косово.
Повеќе фотографии од таа средба можете да погледнете на официјаниот сајт на политичката партија Алтернатива: