Утре од 18.45 часот во „Јане Сандански“, по еден пораз и едно реми, Алкалоид ќе го одигра третиот натпревар во Европската лига, втор на домашен терен, против Бјерингбро/Силкеборг.
Со секој нареден натпревар на европската сцена, младиот состав предводен од Кире Лазаров го очекува со многу желба да се надигрува и да напредува. Лазаров знае дека ќе играат против еден ракометен систем кој бара многу трчање и минимално грешење, реноме кое Данска и нејзините клубови го негуваат со децении.
– Самото име на противникот и државата од којашто доажа кажува за неговиот квалитет. Данска екипа која со години наназад изборува пласман во Европа. Знаеме дека нивната лига со години е одлична и може да се вброи во топ-3 во Европа. Инвестициите што ги направија оваа година, со враќање на еден од најдобрите нивни домашни играчи во последниве години, заедно со Хансен, тоа е Расмус Лауге, укажува на тоа дека треба да бидеме конкурентни со нивната млада и недоволно искусна екипа во европски рамки – рече Лазаров на денешната прес-конференција пред надпреварот.
Но и Алкалоид ќе се прашува, особено што со тек на времето почнува да создава свој идентитет и препознатлива игра и ако успее да ја наметне легитимно може да се надева на успех.
– Како поминува времето во Европската лига, за нас за тим кој првпат се натпреварува во европските конкуренции полека поминува таа почетна трема. Во Логроњо мислам дека демонстриравме поквалитетен натпревар, во споредба со првиот натпревар, со Војводина, кога бевме во еден грч, што беше за мене очекувано. Се надевам дека и утре ќе играме опуштено. Пред неколку дена добро го одработивме и мечот со Е. Плистер 2, се подготвуваме добро, остануваат уште неколку детали, но мисалм дека добро ќе го подготвиме – вели Лазаров.
Едно е јасно, натпреварот ќе биде брз и модерен, со многу полетни ракометари на теренот, а фаворитскиот притисок Лазаров го препушта на гостите од Данска.
– Мислам дека јавноста ќе види еден добар, модерен, квалитетен ракомет, со многу трчање и еве ја поканувам да дојде и да ги поддржи нашите млади македонски играчи во овој европски поход. Очекувам тврд, тежок натпревар. Фавортиската улога ја препуштам на Силкеборг, тоа е реалноста, тие самите најавија дека се фаворити, ние ќе чекаме да ни се укаже шанса, ќе пробаме да дојдеме со една квалитетна игра до позитивен резултат доколку ни се овозможи тоа – вели тренерот на Алкалоид.
Данскиот тим досега запиша победа над Ла Риоха и загуби на гости кај Војводина, што покажува дека не е недостижен за младиот тим на Алкалоид. Иван Џонов лоцира дека клуч за победата ќе биде дисциплината во нападот.
– Екипа којашто е составена од релативно млади играчи, но помогнати со неколку искусни ракометари и можам да кажам ѕвезди како Расмус Лауге и Тофт Хансен. Силкеборг е типична скандинавска екипа, која игра брз ракомет. Акцентот го ставаат на тврдата одбрана и брза транзиција. Тоа ќе биде и нашиот најголем предизвик, да пробаме да играме дисциплинирано во нападот. Тактични сме подготвени и ќе се обидем да оствариме позитивен резултат. Ја поканувам и нашата публика, а ние ќе се обидеме да ја наградиме со позитивен резултат – изјави бекот на Алкалоид на денешната прес- конференција.
Вториот натпревар на домашен терен Алкалоид од 18.45 часот, во спортскиот центар „Јане Сандански“, а ова е повик до сите љубители на ракометот да дојдат и да ја поддржат младата екипа составена од македонски играчи.