Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ќе претседава со состанокот на Советот за безбедност на ОН во април во Њујорк, бидејќи Русија ќе биде ротирачки претседавач со тоа тело тој месец.
„Клучниот елемент на руското претседателство ќе биде јавната дебата на високо ниво на Советот за безбедност за „ефективен мултилатерализам преку одбрана на принципите на Повелбата на Обединетите нации“. Со состанокот ќе претседава рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров“, изјави портпаролката на Министерството, Марија Захарова.
Таа додаде дека Лавров има намера да претседава со седницата за Блискиот Исток на 25 април.
Украина денеска соопшти дека претстојното руско претседавање со Советот за безбедност на ОН е „лоша шега“.
„Русија го узурпира своето место, води колонијална војна, нејзиниот претседател е воен злосторник баран од Меѓународниот кривичен суд за киднапирање деца“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Русија во сабота ќе го преземе претседателството со Советот за безбедност на еден месец. Претходниот претседавач во текот на март е Мозамбик.
Лавров последен пат беше во ОН во Њујорк во септември минатата година, за време на седницата на Генералното собрание.