„Очигледно Бугарија ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор, ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме“.
Вака изјави рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров на конференција во Москва во врска со неговото можно присуство на самитот на ОБСЕ кој ќе се одржи неделава.
Тој истакна дека веќе имал неколку барања за средби, вклучително и од западни претставници.
– Ако некој ни пријде, ние никогаш не бегаме и не се криеме – додаде рускиот шеф на дипломатијата.
Македонската влада одлучи да се тргне забраната за прелет на авион на руската делегација со кој би слетал Лавров, а министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека се преговара со Грција и со Бугарија за да дозволат прелет над нивна територија.
– Ако ние донесеме одлука, не гледам зошто да не прифатат. Одлуката на ЕУ е јасна, вели „со исклучок на настани поврзани со ОБСЕ, и други меѓународни организации“, бидејќи Лавров беше во Њујорк, но во Обединетите нации, а не во САД. И тука не доаѓа во Скопје ако дојде, доаѓа во ОБСЕ. Мора да ја направиме таа разлика меѓу билатерален и мултилатерален карактер на посетата – додаде Османи.