Сезонски приспособената стапка на невработеност во ЕУ лани во ноември изнесувала 5,9%, што претставува намалување на месечно ниво за 0,1% од октомвриските 6% и за 0,2% споредено со 6,1% во истиот месец во 2022 година, соопшти Европската статистичка агенција – Евростат.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во Еврозоната, пак, стапката на невработеност во ноември 2023 година била 6,4%, што исто така претставува намалување за 0,1 процентен поен на месечно и за 0,3% на годишно ниво. Во октомври 2023. стапката на невработеност во Еврозоната беше 6,5, а во ноември 2022 година – 6,7%.
Според проценките на Евростат, лани во ноември во ЕУ имало 12,954 милиони невработени лица, од кои 10,970 милиони живееле во земјите членки на Еврозоната.
Споредено со претходниот месец, бројот на невработени во ЕУ се намалил за 144.000, а во Еврозоната за 99.000. Во однос, пак, на ноември 2022 година, невработеноста во ЕУ е намалена за 283.000, а во Еврозоната за 282.000.
Кога станува збор за невработеноста кај младите, во ноември 2023 година во ЕУ биле невработени 2,814 милиони лица на возраст под 25 години, од кои 2,321 милиони биле од Еврозоната.
Така, ноемвриската стапка на невработеност кај младите и во ЕУ и во Еврозоната била 14,5%, што претставува намалувања за 0,3% на месечно ниво и во двата реона од октомвриските 14,8%.
Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени млади луѓе во ЕУ лани во ноември е намален за 60.000, а во Еврозоната за 54.000. На годишно ниво, пак, бројот на невработени млади е зголемен за 36.000 во ЕУ и за 49.000 во Еврозоната.
Гледано по полови, во ноември 2023 година стапката на невработеност меѓу жените во ЕУ била 6,2% што претставува намалување на месечно ниво за 0,1 процентни поени од октомвриските 6,3%, додека меѓу мажите била 5,7% и останала непроменета во споредба со претходниот месец.
Во Еврозоната, стапката на невработеност кај жените била 6,8%, а кај мажите 6,1%. Во октомври 2023 стапката на невработеност кај жените беше 6,9, а кај мажите 6,2 %.