Претставникот на ЕУ во дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак најави дека следната средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе се одржи кон крајот на овој месец во Охрид.
Лајчак на Твитер објави дека имал одлична средба со вицепремиерот на Северна Македонија Бојан Маричиќ и дека ѝ е благодарен на Северна Македонија за силната поддршка за дијалогот.
„Со нетрпение ја очекувам следната средба за дијалог во Охрид подоцна овој месец“, напиша Лајчак.
Тој додаде дека со Маричиќ разговарал и за суштински прашања за иднината на Северна Македонија.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ по разговорите во Брисел на 27 февруари најави дека следната средба во рамките на дијалогот ќе биде на 18 март во Северна Македонија.