Жените во Кувајт мораат да добијат дозвола од мажите ако сакаат да одат во војна, а дури и да ја добијат тие ќе се борат без оружје, одлучила војската. Ова многу ги налути активистите кои одлуката ја опишаа како „еден чекор напред, два назад“. Покрај тоа, Министерството за одбрана одлучи и жените во армијата, за разлика од цивилите, да мора да носат шамии за покривање на главите.
Министерството во октомври им дозволи на жените да се вклучат во борбени улоги. Но, потоа беа наметнати ограничувања, откако министерот беше критикуван од страна на конзервативниот пратеник Хамдан ал-Азми.
Според Азми, жените да извршуваат борбени улоги „не се совпаѓа со нивната женска природа“.
Кувајтските жени добија право да гласаат во 2005 година. Оттогаш се активни и во кабинетот и во Парламентот, иако ги има малку и на двете места. Месецов, десетици жени од Кувајт протестираа против откажувањето на часовите по јога за женски лица, бидејќи конзервативците ги сметале за „непристојни“.