Косовскиот премиер Аљбин Курти денеска ја оцени како безобразна и неприфатлива казната од 26 години затвор, која му беше изречена на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Салих Мустафа.
Курти на својот Фејсбук профил оцени дека казната изречена „за ослободителот е построга отколку за оние кои ја извршија геноцидната агресија“ на Косово.
„Оваа пресуда е срамота. Која е пораката што оваа пресуда им ја дава на Украинците кои денес се борат против агресорите? Останувам да се надевам дека независните судски институции ќе ја разберат неправдата и дека таа ќе се одрази и на другите нивоа на судење“, напиша Курти.
Според него, борбата на секој народ против освојувачите и окупаторите е универзално право и неприфатливо е кога на ослободителот му се суди построго од геноцидниот агресор.
„За масакрот на семејствата Богујевци, Дуриќи и Љугалиу, во кој убија 16 албански цивили кои не беа вклучени во војната, осуден е Саша Цвјетани, член на злогласната единица која учествуваше и во масакрот во Сребреница „Скорпиони“. до само 20 години. Тој дури беше ослободен во 2018 година, 3 и пол години пред да ја заврши казната поради, како што се вели, „добро однесување“, иако убивал заспани деца. Саша Цвјетани беше дел од резервистите на Србија, кои извршија геноцид во Хрватска, Босна и Косово. Во меѓувреме дури вчера дознавме дека тој е уапсен пред неколку дена во Атина, Грција како дел од нарко картел“, изјави косовскиот премиер.
Курти истакна дека „има илјадници убијци од Србија“ кои никогаш не биле казнети или судени за злосторствата што ги направиле на Балканот.
„Само 26 Срби беа осудени за повеќе од 12.000 убиства и над 20.000 сексуално злоставувани на Косово. Ми се чини дека секој од српските осуденици убил над 462 Албанци и силувал во просек 770 луѓе“, рече Курти.