Во текот на вчерашниот ден во основното училиште ОУ „Ѓоргија Пулевски“ во општина Аеродром се случило масовно труење на децата од прво до трето одделение кои се хранат во училишната менза. Освен децата затруени се и повеќето од наставниците.
„Денес во школото за овие класови наставата е прекината и не се знае кога ќе продолжи. За сега надлежните на чело со општината и директорот молчат и нема никаква реакција од нивна страна за да се запознае јавноста со овој скандал чија жртва се најмладите, односно децата од прво до трето одделение“, информираат од партијата Левица.
Телма пренесува дека за ова добиле известување и сите надлежни инситуции, кои допрва треба да утврдат дали причината за труењето на дечињата е храната од кујната во училиштето.
„По информацијата за отсутво на поголем број ученици од прво до трето одделение во интерес на заштита на децата денс топол оброк не се служи односно кујната не работи, Училитето пријави веднаш во Агенција за храна и ветеринарство како и во Центарот за јавно здравје. Чекаме за понатамошно дејствување. За сите преземени дејствија ќе бидете навремено известени“, пишува во дописот од директорот на училиштето Александар Филипчев, а кој го пренесе Телма.
Од партијата Левица потсетуваат дека фирмата „Стара Ванила“ која ја носи храната на доработка во училишната менза оваа година го зголеми износот што се плаќа за хранарина на децата за 10% во однос на лани.
„Ја повикуваме општината и надлежните веднаш да го обелоденат овој скандал во јавноста и да ги повикаат другите надлежни институции да извршат истрага и да се најде што поскоро виновникот за масовното труење и да се бара соодветна казна за сторителот“, велат од партијата.