Македонизмот победи, можеби дефинитивно, а заслуга за тоа имаат и бугарските политичари кои ја сметаат Македонија како територија, а не како народ. А македонизмот е идеологија која се бори за свеста на луѓето и поставува бариери меѓу нив, и токму тоа се случува – вели во интервју за 24 часа директорот на бугарскиот Институт за економија и меѓународни односи и поранешен дипломат од кариера Љубомир Ќучуков.
Според него, со ставот да се блокираат преговорите на Македонија за членство во ЕУ земјата си затворила многу европски врати за поддршка за Шенген. Со недоветните постапки на една администрација, Бугарија ја изгуби сета своја предност и стана изолирана во ЕУ по прашањето за Македонија, порача Ќучуков.
– Сведоци сме на огромен пораст на антибугарското расположение во Македонија, при што процентот на граѓани кои ја сметаат Бугарија за непријател веќе ја достига бројката од 50 отсто, наспроти нешто повеќе од 1 отсто пред пет години. Во земјата има акумулација на акти на физичка агресија врз бугарски државјани и граѓани со бугарски етнички идентитет, како и врз нивните културни центри. Да, се дојде до ситуација да мора да се мобилизираат полициите на двете земји за да се спречат можни судири. Искрено се надевам дека тоа нема да се случи – вели Ќучуков.
Тој го коментира барањето на македонскиот претседател Стево Пендаровски да не се пропуштат бугарски европратеник и други бугарски лица на границата, прецизирајќи дека тие биле активирани од руските разузнавачки служби.
– Доколку некој политички лидер од соседна земја дојде во Софија и јавно објави дека Бугарија нема право да постои и дека припаѓа на неговата земја, тоа со право ќе се сфати како провокација. И кај нас би разгореле силни политички страсти, од кои најрадикални би биле токму оние политички формации кои истото го прават во Скопје. А, обвинувањата за проруски позиции во овој случај се исто толку згодни колку и лажни. И тие во моментов се експлоатирани од двете страни. Ако Русија имаше политички ресурси да ги диктира светските процеси, почнувајќи од изборот на американскиот претседател, па завршувајќи со односите меѓу Софија и Скопје, Русија немаше да падне во тешка меѓународна изолација, заглавена во безизлезна војна. За жал, заладените односи меѓу Бугарија и Република Македонија се наша заедничка заслуга – вели Ќучуков.