„Историјата е составен дел на преговарачиот процес, таа не е турната под килим, напротив – заедничката историска комисија треба да го исполни со содржина нејзиниот мандат“.
Ова меѓудругото во интервју за бугарското радио „Фокус“ го изјави Илхан Ќучук, бугарски европратеник и известувач за РСМ во Европскиот парламент.
На прашање зошто Илинденското востание не се одбележа заеднички, како национален празник на двата народа тој вели:
– Не ја пречкртавме, бидејќи историјата е составен дел на преговарачиот процес и не се согласувам дека е турната некаде под килим. Токму обратното, историјата како наука, која е конзервативна, треба да биде оставена во рацете на историчарите. Таков мандат и е даден на соодветната историска комисија, и тој мандат треба да биде исполнет со содржина. И таа навистина да работи во духот на науката, во духот на взаемното разбирање, да бидат најдени оние допирни точки што биле во минатото, и да бидат побарани нови допирни точки кои треба да стапат во иднината. Тоа e неизбежно поврзано со членството на Северна Македонијa во ЕУ. Таму можат да најдат место и Бугарија, и Северна Македонија, и тоа не му противречи на националниот интерес на Бугарија – напротив, го збогатува и го задолжува да биде многу посоодветен кон новите реалности што се случуваат – вели Ќучук.
Отсуството на заедничко чествување Ќучук го припишува на нестабилната политичка ситуација.
– Ќе видиме како ќе биде догодина. Но со сигурност, секој заеднички обид да се одбележат такви датуми е задолжителен во нашите односи, ако тие имаат природно разбирање да врват кон иднината, а не кон национализмот, кон градење допoлнителни ѕидови – рече тој.
Според него, потребна е оценка каде сака да оди македонското општество.
– Сега е дојдено времето да се врати довербата, откако се формализираа односите и тоа праведно, со договор кој треба да ги зацврсти односите меѓу двете земји, со посебен протокол, треба да бидат направени сите напори од бугарска и македонска страна за да проработат механизмите што се запишани, а не да останат лист хартија без да бидат реално исполнети. И да оставиме спокојно, во рамките на легитимниот мандат историската комисија да бара различни формулации, ако е неопходно – и со дејство на други нивни колеги, доколку тоа го помага процесот. Така што, прашањето е каде сака да биде Северна Македонија? Знам дека има луѓе кои сакаат да ја извлечат, и политичари кои имаат визија да ја извлечат на правилниот пат, да ја водат, има и такви кои сакаат да ја влечат во обратна насока. Тоа треба да го реши самата македонска елита – вели Ќучук.