Кубанската министерка за труд и социјална сигурност, Марта Елена Феито-Кабрера, поднесе оставка откако нејзините коментари за сиромаштијата предизвикаа силни реакции од јавноста и политичката елита.
На седницата на Националното собрание, министерката тврдеше дека „не постои такво нешто како просјаци на Куба“, додавајќи дека луѓето што пребаруваат контејнери го прават тоа по своја слободна волја, со цел да заработат „лесни пари“. Таа, исто така, посочи дека овие граѓани се „нелегални учесници во услугата за рециклирање“.
– Видовме луѓе кои изгледаат како просјаци, но кога ќе ги погледнете нивните раце, кога ќе ја погледнете облеката што ја носат овие луѓе, тие се маскирани како просјаци. Нема просјаци на Куба – рече Фејто во понеделник пред парламентарната комисија.
Нејзините изјави предизвикаа лавина критики кај граѓаните, активистите и интелектуалците, кои ги окарактеризираа како навреда за кубанскиот народ.
Набргу потоа, реагираше кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел кој рече дека луѓето во лоши животни ситуации се одраз на „социјалните нееднаквости и акумулираните проблеми со кои се соочуваме“.
– Не ги споделувам некои од критериумите што комисијата ги презентираше по ова прашање. Економската криза ги влоши социјалните проблеми, ранливите не се наши непријатели – рече кубанскиот претседател.
Иако кубанската влада не објавува официјална статистика за бројот на луѓе што просат, растечкиот број на нив на улиците јасно ја одразува сериозноста на економската криза што ја погодува земјата со недостиг од храна, лекови и основни потреби.
Минатата година, 189.000 семејства и 350.000 луѓе, сметани за „ранливи“, искористиле програми за социјална помош на островот со население од 9,7 милиони луѓе, според податоците на владата.