Загрепската населба Пречко денеска е најтажното место во Хрватска.
Додека полицијата сè уште го склопува мозаикот на целиот ужас во кој загина 7-годишен ученик, откако 19-годишниот Л.М., влезе во основното училиште „Пречко“ и почна да ги боде со нож децата и наставниците кои му биле на патот, граѓаните се убедени дека трагедијата можела да се спречи.
Три деца, од кои две се на помала возраст, а третото има 15 години и нивната омилена учителка (62) се опоравуваат во загрепските болници од тешките последици од повредите со нож. Напаѓачот сите ги избоел десетици пати. Учителката има 31 убодна рана.
Сите повредени се надвор од животна опасност. Опериран е и напаѓачот, кој по нападот самиот 2 пати се пробол во вратот.
Сторителот на ова крваво дело, кога ќе се опорави од повредите што си ги нанесе по бегството од училиштето, ќе се соочи со кривична пријава за тешко убиство и 4 дела тешко убиство во обид, за што се очекува да биде осуден на многу години затвор.
Сепак, со оглед на тоа што неговата мајка вчера за медиумите изјави дека Л.М. е ментално болен, ако има дијагноза и ако се лекувал во психијатриска болница, но и во дневна болница, не може да се исклучи дека ќе му се суди според Законот за заштита на лицата со ментална попреченост.
Во такви случаи се доделува само задолжително сместување во психијатриска установа во траење од 6месеци, по што се проверува здравствената состојба и се носи ново решение за продолжување на лекувањето или за отпуштање од болница.
Дали психијатарот згрешил кога беше одлучено да го пушти да си оди дома од психијатрија, се прашањата што од вчера ги поставуваат родителите на учениците од училиштата во Пречко.
„Се надеваме дека Лекарската комора и Здравствената инспекција во најбрз можен рок ќе дадат одговор на тоа прашање. Затоа што тој напаѓач не е единствениот кој има очигледен сериозен психички проблем и кој според тврдењата на мајка му лекарите го испратиле дома. Знам само дека зад мене и зад мојот сопруг е непроспиена ноќ. Синот, кој нè чекаше на игралиштето да се вратиме од работа за да го земеме, цела ноќ се прашуваше каде е сега неговиот мал школски другар и дали го боли, затоа што слушнал дека некој му наштетил. Ме праша дали знам дали е со него барем роденденскиот подарок што му го дадоа 2 дена пред ова злосторство? И постојано повторуваше како летале тегли со цвеќиња и се кршеле по ходниците на училиштето“, изјави една мајка за Јутарњи лист.
Знамињата во Хрватска се спуштени на половина копје и црни знамиња се истакнати на зградите на бројни институции.
Телото на 7-годишното момче е пренесено во Институтот за судска медицина. Наредена е обдукција за да се утврди динамиката на повредите.
Прегледан е видео надзорот во училиштето на кој наводно се снимени страшните моменти што се случувале на просторот од училишната хала, низ неколку ходници, до излезот.