Биткоинот во 2022 година падна за повеќе од 60%. Падот беше предизвикан од серијата неуспеси на компании од висок профил и од мрачната макроекономска клима, анализира Си-Ен-Би-Си (CNBC)
Сите кои се истакнаа со оптимистички предвидувања за цената на биткоинот во минатата година навистина ја промашија целта. А пред трговците со криптовалути е уште една нестабилна година.
Каматните стапки ширум светот се во пораст, што тоа влијае на ризичните средства, како акциите и биткоините. Инвеститорите чекаат нови епизоди од сагата Еф-Ти-Екс (FTX), која резултираше со апсење на основачот на компанијата Сем Бенкмен-Фрид на Бахамите. Еф-Ти-Екс е најголемата трговска берза на криптовалути.
Тим Дрејпер, кого го нарекуваат „биткоин бик“, имаше еден од најоптмистичките повици за биткоинот во 2022 година, предвидувајќи дека токенот ќе вреди 250.000 долари до крајот на годината. Во ноември, милијардерот рече дека ја продолжува временската рамка за тоа предвидување до средината на 2023 година. Дури и по колапсот на Еф-Ти-Екс, тој остана убеден дека монетата ќе достигне пресвртница од четврт милион долари.
Но, сега вредноста на биткоинот би требало да се зголеми за 1.400% за да се тргува на тоа ниво. По извештаите за проблеми со ликвидноста на големата трговска берза, цената на криптовалутата биткоин падна на најниско ниво во последните две години – 16.941 долари.
Аналитичарите велат дека сега е клучно да се предвиди дали т.н. преполовување (halvening) во 2024 година ќе означи дека пазарот го достигнал дното. Преполовувањето е настан што се случува на секои четири години, кога наградите за биткоинот на рударите се намалуваат на половина.
Рударите на биткоин, кои користат енергетски интензивни машини за да ги потврдат трансакциите и да коваат нови токени, се притиснати од падот на цените и од зголемените трошоци за енергија. Овие актери акумулираат огромни купишта дигитални валути, што ги прави најголеми продавачи на пазарот. Некои инвеститори сметаат дека преполовувањето во 2024 година ќе ја намали понудата, односно притисокот за продажба на биткоин.
Но, некои учесници на пазарот предвидуваат дека најлошото допрва доаѓа. Во една истражувачката белешка од 5 декември, Standard Chartered тврди дека биткоинот може да потоне дури и до 5.000 долари, што би значело пад од 70% на сегашните цени.
2022 година беше успешна за ветеранот инвеститор Марк Мобиус. Во мај, тој предвиде дека биткоинот ќе падне на 20.000 долари, а се тргуваша на над 28.000 долари. Неговото предвидување дека биткоинот во 2022 година ќе падне на 10.000 долари не се оствари. Сепак, Мобиус за Си-Ен-Би-Си изјави дека останува на неговиот повик за цена од 10.000 долари во 2023 година.
Неговиите аргументи се зголемувањето на каматните стапки и општото заострување на монетарната политика од страна на Федералните резерви на САД.