„Банана филм“, продуцентската куќа на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, соопшти дека поднела кривични пријави против финансискиот советник на Агенцијата за филм Бранко Петровски, против претседателот на Управниот одбор Игор Шокаровски и против членката на Управниот одбор, правникот Снежана Станковиќ.
Продуцентската куќа најавува уште кривични пријави при што се бара од институциите да го испитаат работењето на Друштвото на филмски работници и фирмите на неговиот претседател.
Во соопштението од „Банана филм“ се вели дека Петровски се обвинува за злоупотреба на службена положба која произлегува од конфликт на интереси. Станковиќ и Шокаровски се товарат за донесување одлуки на Управниот одбор на Агенцијата за филм кои се противзаконски, се вели во информацијата на продуцентската куќа
Поради индиции изнесени во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија – ДЗР, „Банана филм“ побара и од Финансиска полиција да изврши увид во работата на Друштвото на филмски работници – ДФРМ, но и на шест фирми во директна и индиректна сопственост (преку нивните семејства) на претседателот на друштвото Игор Иванов-Изи и секретарот на друштвото Томислав Салковски, се вели во соопштението на „Банана филм“.
„Банана филм“ доставила барање и до Комисијата за заштита на конкуренција да ја испита државната помош од Агенцијата за филм до ДФРМ во 2020 за доделените 120.000 евра од државна каса до ДФРМ.
Сите опфатени во кривичната пријава, според „Банана филм“ остварувале противправна лична корист од своите незаконски постапки.
Сознанијата врз кои се базираат кривичните пријави, велат од „Банана филм“, произлегуваат од наодите на Државниот завод за ревизија (ДЗР), Антикорупциска комисија (ДКСК), извештаи и инспекции при Министерството за култура и Транспаренси интернешнл. Поднесени се и две тужби против Агенцијата за филм поради нанесување штета на оваа продуцентска куќа.
„Банана филм“ ги повикува министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вицеприемерката за борба против корупција Славица Грковска, вицепремиерот Артан Груби и премиерот Ковачевски да го казнат криминалот во редовите на владејачката коалиција и на институциите кои таа ги контролира, како што е Агенцијата за филм.