Одобрението кое американскиот претседател Џо Бајден му го даде на Киев за употреба на американски ракети со долг дострел на руска територија „долева масло на огнот“ во конфликтот во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Доколку тоа официјално биде потврдено во Вашингтон, тоа одобрување ќе доведе до „фундаментално нова ситуација во однос на вмешаноста на САД во тој конфликт“, оцени Песков.
Во септември, рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека одобрението за кое се одлучиле западните земји „нема да значи ништо помалку од директно вклучување на земјите од НАТО во војната во Украина“.
Одлуката на Вашингтон ја објавија американските медиуми, а официјален претставник ја потврди за Франс прес, по новиот викенд со опсежни руски напади врз Украина, а беше донесена само неколку недели по предавањето на власта меѓу американскиот претседател во заминување Џо Бајден и новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Повикувајќи се на зборовите на Путин, Песков истакна дека ударите на руска територија „нема да ги изврши Украина, туку земјите кои ќе го дадат своето одобрение“.
„Координатите на целите не ги даваат украинските војници, туку експертите од тие западни земји. Ова радикално ја менува природата на нивната вклученост“, повтори Песков.
„Очигледно е дека администрацијата во заминување во Вашингтон има намера да преземе мерки за да продолжи да долева масло на огнот и да предизвика ново зголемување на тензиите“, изјави денеска Песков.
Американската администрација во заминување беше лидер во поддршката на Киев, дозволувајќи му да се спротивстави на руските трупи откако Путин го започна својот напад врз Украина во февруари 2022 година.
Продолжувањето на таа поддршка за Вашингтон беше доведено во прашање со изборот на Доналд Трамп за нов претседател, бидејќи неговите изјави за време на кампањата предизвикаа страв во Украина и земјите кои ја поддржуваат дека ќе се обидат да ја натераат Украина да ги прекине борбите на цената на неприфатливите отстапки за неа.
Москва, чии војници напредуваат во неколку делови на фронтот во последните неколку месеци, предупреди дека секој разговор за прекин на непријателствата може да се заснова само на „нова територијална реалност“.