Додека владината пропаганда се обидуваше да создаде илузија за дипломатски триумф, вистината од Палатата „Сент Џејмс” открива сосема поинаква приказна – еден во кој главните улоги им припаднаа на културните работници, а не на политичарите.
Кралот Чарлс III беше домаќин на прием на 21 октомври 2025 година во Палатата „Сент Џејмс” во Лондон, ден пред Самитот на лидерите на Западен Балкан. Но за разлика од она што пиар-машинеријата на владата на РСМ се обиде да го прикаже, ова не беше политичка свеченост, туку настан посветен на културата и креативните индустрии во регионот.
Академијата Сибелиус го кажа она што Скопје молчеше
Постата на Академијата Сибелиус, Универзитет за уметности во Хелсинки, беше јасна и директна: „Виолета Симјановска, раководител на нашиот оддел за управување со уметност, беше поканета од кралот Чарлс III на кралски прием во Лондон! Настанот ја прослави улогата на уметноста во меѓународната соработка и регионалниот развој во Западен Балкан.”
Овде нема политички спинови, нема обиди за присвојување на туѓи успеси. Само факт: една македонска културна работничка, која долги години дејствува како експерт за Британскиот совет, беше наградена за својата работа на меѓународно ниво. Но тоа не беше доволно за медиумите во Северна Македонија, кои речиси воопшто не ја пренесоја оваа информација.
Културата како премин, не политиката
Лондон, и покрај Брегзит, остана европската престолнина на културата на ЕУ. Тоа што Велика Британија излезе од политичките структури на Унијата не значи дека ја напушти својата улога на културен мост меѓу континентите.
Приемот во Палатата „Сент Џејмс” не беше политичка шоу-програма. Тоа беше свеченост за креативните лидери, иноваторите и оние кои преку уметноста ја градат прекуграничната соработка на Западен Балкан. Покрај Симјановска, присутни беа и други македонски културни великани како Милчо Манчевски, Влатко Стефановски и уште двајца експерти за филмски ефекти.
Во оваа атмосфера, блескаа уметноста и дијалогот. Звезда на вечерта беше токму Виолета Симјановска, заедно со албанскиот премиер Еди Рама – културолог по професија, човек кој разговараше на ист јазик со домаќинот. Тоа што тие го имаа, а што многумина политичари не го имаат, е кредибилитет во културниот свет.
Фотографиите кои не смееја да се видат
Владиниот пиар-тим се обиде да креира нарација дека македонската политичка делегација била почестена на високо ниво. Но зошто тогаш објавија само една фотографија, и тоа купена за 45 евра од официјалниот кралски фотограф?
Кралскиот протокол е строг: на гостите им се одземаат мобилните телефони при влезот. Фотографирањето го врши исклучиво кралскиот фотограф, а секој гостин има право да избере една или две фотографии од 30 достапни – за 45 евра по парче. Владата избра да плати само за една.
Ако фотографиите навистина покажуваа триумф, зошто тогаш толкава скржавост? Зошто само една слика, искројена за пропагандни потреби, наместо целата приказна?

Премиер на маргини, министер на врата
Премиерот Христијан Мицкоски, веројатно незадоволен од тоа што не бил во центарот на вниманието, ја напушти свеченоста порано од завршетокот. Оваа реакција зборува сама за себе – кога културата е во прв план, некои политичари едноставно не знаат каде да застанат.
Уште позначајно е она што не се случи: на министерот за транспорт и врски Александар Николоски воопшто не му бил дозволен влез во Палатата „Сент Џејмс”. Зошто? Тоа прашање владиниот пиар-тим го игнорираше целосно, но одговорот е јасен за секој кој го разбира кралскиот протокол и процесот на проверка на гостите.
Културата наспроти пропагандата
Она што Академијата Сибелиус го прослави – признанието на една македонска културна работничка – македонската влада се обиде да го користи за политички поени. Но вистината не може да се сокрие долго.
Лондон не приреди прием за македонската влада. Лондон приреди прием за културата на Балканот, за луѓето кои преку уметноста и соработката го градат мостот меѓу народите. Виолета Симјановска беше таму заради својата работа, заради годините посветеност на културата, заради експертизата која ја развиваше низ Западен Балкан.
А ова што македонската влада се обиде да го направи – да го присвои успехот на културните работници како свој политички капитал – е само последна потврда за тоа колку далеку сме од вистинското разбирање на она што културата значи.
Кралот пиеше цеден портокал, премиерот си замина
На крајот, можеби најдобро го одразува целата ситуација овој детал: ако кралот пиеше цеден портокал, сите пиеја цеден сок. Но некои не можеа да се впишат во таа атмосфера. Некои ја напуштија вечерта порано, незадоволни што не се во центарот на вниманието.
Културата победи. Уметноста зборуваше. А политичарите, и еднаш, останаа на маргина на она што навистина има значење.
Фотографиите од кралскиот прием јасно покажуваат кој беше таму како гостин на честа, а кој како туристичка декорација. Академијата Сибелиус не се срамеше да ја каже вистината. Остануваат само прашања – зошто македонските власти толку очајно се обидуваа да ја сокријат?
Лондон -Охридскај Т.Д.




























