Новокрунисаниот британски крал Чарлс Трети и сопругата-кралица Камила вчеравечер беа пречекани со воодушевување од илјадници посетители на големиот концерт во замокот Виндзор, каде што настапија бројни музички ѕвезди.
Кралот и кралицата седеа во кралската ложа, во придружба на другите членови на кралското семејство, вклучувајќи ги принцот и принцезата од Велс и нивните деца, принцот Џорџ и принцезата Шарлот.
– Британскиот глумец Хју Бонвил беше водител на настанот на огромната сцена во Виндзор, а во публиката имаше околу 20.000 британци – јави „Телеграф“.
Настапија бројни врвни музичари, меѓу кои и Лајонел Ричи, кој ги раздвижи сите во ложата, оперските певци Андреа Бочели од Италија и Велшанката Брин Терфел, поп-ѕвездата Кејти Пери, британската група „Тејк дет“. Се појавија и цртаните ликови од „Мапет шоу“ – Мис Пиги и жабата Кермит. Холивудската ѕвезда Том Круз, глумицата од „Династија“ – Џоун Колинс, ТВ-водителот Бер Грилс и пејачот Том Џонс, сите се придружија преку видеопораки.
Наследникот на престолот принцот Вилијам излезе на сцената и одржа говор посветен на неговиот татко кој беше крунисан за нов британски крал во саботата во лондонската Вестминстерска опатија.
– Татко, сите сме горди на тебе! Како што рече баба ми кога беше крунисана, крунисувањата се залог на нашите надежи за иднината. И знам дека таа е горе некаде и нè чува и би била многу горда мајка – рече принцот Вилијам.
Во својот говор, Вилијам им оддаде почит и на британските работници и државни службеници, како што се наставниците и болничарите, од кои многумина штрајкуваа последниве месеци.
Крунисувањето на претходничката на кралот, Елизабета Втора пред 70 години, беше првото крунисување на британски монарх кое се пренесувало во живо на телевизија.
Беа прикажани и повеќе однапред снимени видеа коишто откриваат помалку познати факти за монархот, како и низа британски знаменитости и природни убавини, кои се дел од проектот под наслов „Осветлувајќи ја нацијата“ (Lighting up the Nation).
Спектакуларно светлечко шоу, проследено со осветлено летало што лебди над Виндзор, беше изведено на источниот тревник на замокот, што е првпат ваков настан да се одржи на имотот.