Јорданскиот престолонаследник Ал Хусеин бин Абдула Втори се ожени со саудискиот архитект Раџва Ал Саиф во четвртокот на венчавка на која присуствуваа многу членови на кралското семејство од целиот свет.
Раскошната венчавка се одржа во палатата Захран во јорданската престолнина Аман, а кралот Абдула Втори, принцот Хасан бин Талал и таткото на невестата ги играа улогите на сведоци на венчавката.
По свадбената церемонија, јорданската државна телевизија соопшти дека престолонаследникот и неговата невеста патувале низ главниот град придружувани од кралска поворка до палатата Ал Хусеиније, каде што биле одржани дочек и банкет.
Веднаш по свадбената церемонија бил издаден кралски декрет со кој на невестата Ал Саиф и се доделува титулата принцеза.
Кралот и кралицата приредија свадбен прием во палатата Ал Хусеинија на кој присуствуваа повеќе од 1.700 гости, меѓу кои и шефови на држави.
Кралот Абдула има четири деца, престолонаследникот Хусеин (29), принцезата Иман (27), принцезата Салма (23) и принцот Хашим (18).
Принцот Хусеин е легитимен наследник на јорданскиот престол, како што е наведено во јорданскиот Устав.
На свадбената церемонија на престолонаследникот Хусеин, меѓу другите, присуствуваа и малезискиот крал Ал-Султан Абдула Риајатудин Ал-Мустафа Била Шах, холандскиот крал Вилем-Александер, ирачкиот претседател Абдул Латиф Рашид, либанскиот премиер Наџиб Микати, кувајтскиот престолонаследник Мишал Ал-Ахмад Ал-Џабер Ал-Сабах и сопругата на американскиот претседател Џо Бајден, Џил Бајден и нејзината ќерка Ешли Бајден.