Кралот вечерва објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“. И почна, почна да тече реката од карневали составена од 41 групи со 1.200 учесници со 300 гости од странство, кои на Интернациналната вечер повеќе од 3,5 часови ќе дефилираат низ улиците на градот.
Реката од маски само на момент запираше кога групите ги претставуваа своите кореографии пред жирито и публиката. Темите беа најразлични – Струмичка корида, љубов, музика, јунаци од филмовите и многу други кои под ритмот на музиката имаа волшебен сјај.
– Струмичката корида освен традицијата низ движење и музика ја истакнува храброста на момчињата и девојките и ја слави љубовта, бикот не го убиваме, што е и порака за хуман однос на луѓето кон животните – порача учителката Соња Цицимова од ОУ „Видое Подгорец“, која и годинава со своите ученици и нивните родители учествуваат со маската „Струмичка корида“.
На почетокот на карневалот се обрати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
– Денес сите патишта водат кон Струмица, затоа што вечерва Струмица е центар на светот. Тоа не прави неизмерно горди, оти сите ние сме верни негувачи на традицијата, оти сите ние ја вардиме културната оставнина на овој град, оставнина на чиј пиедестал се наоѓа нашиот Струмички карневал. Станува збор за традиција која има древно минато од повеќе векови, станува збор за прекрасно „разгрането дрво“ кое има многу длабоки корени. Тие корени на Струмичкиот карневал зборуваат и за нашите корени, но и за корените на овој град под кулите на Струмица, кој датира од многу, многу одамна – рече струмичкиот градоначалник кој во своето обраќање ги поздрави гостите од земјава и странство, претставници на дипломатскиот кор во државата и владини претставници.
Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а и публиката може преку онлајн гласање да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.
Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот Детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.