Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА истакна дека и во услови на најголемата светска енергетска криза, со навремени мерки се ублажи ценовниот шок за граѓаните, а паралелно во континуитет растат платите како минималната, така и просечната, пензиите и платите во јавниот сектор. Премиерот Ковачевски појасни дека инфлацијата и во иднина ќе се намалува и до крајот на годината се очекува овој тренд да продолжи и да се одржи едноцифреното ниво на инфлацијата, а во наредната година да биде околу 2%.
„Оваа година, како и претходната ја живеевме најголемата економско-енергетска криза која светот ја познава во поновата историја. Криза од невидени размери, предизвикана од воениот конфликт во Украина, како и силните геопoлитички превирања кои сè уште се актуелни и се глобално во фокус. Ние како земја се изборивме, да го ублажиме ценовниот шок и притоа не дозволивме ценовен удар врз граѓаните, пред сè предизвикан од високата цена на електричната енергија како и на храната. Северна Македонија успешно се справи со енергетската криза, а тоа го покажаа и резултатите на Светска Банка. Токму поради навремените чекори на Владата, земјава претрпе најмала штета во регионот. Паралелно, она што е факт е дека во услови на најголемата криза, оваа Влада предводена од СДСМ донесе системски решенија за подобрување на стандардот на граѓаните кои години наназад се провлекувале и не се ставале на маса за да бидат решени во заеднички дијалог со сите засегнати страни”, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски подвлече дека годинава во месец мај имаме највисок износ на исплатена просечна нето плата од 36.465 денари, минималната плата изнесува 20.175 денари, а со носењето на Општиот колективен договор, по цели 15 години се обезбеди системско решение коешто го осигурува континуираниот раст на платите, дополнително донесено е системско решение за раст на пензиите.
„Сите овие позитивни трендови и тоа како ни влеваат надеж дека со членството во ЕУ, деловната клима, економијата, а со тоа и стандардот на граѓаните ќе се движи во нагорна линија”, заклучи премиерот Ковачевски.