Премиерот Димитар Ковачевски верува дека до почеток на грејната сезона проблемот со топловодот на мостот „Беласица“ ќе се реши, но како што рече, прво треба да се поправи подлогата на мостот за поставување на цевките што треба да го направи ЕСМ. Тој се надева дека инженерите на ЕСМ веќе ги направиле подготовките и очекува Град Скопје да даде дозвола за поставување на топловодот по завршување на првата фаза, односно по поправката на подлогата.
– Имаше контакти меѓу ЕСМ и Град Скопје, и во наредните денови очекувам ЕСМ да почне да ги поставува цевките што значи дека прво ќе го поправи долниот дел на мостот за да можат безбедно да се постават цевките. Инженерите на ЕСМ веќе ги поготвија извештаите и верувам дека процесот навреме ќе заврши – рече Ковачевски.
Тој додаде дека процесот на поставување на цевките не е поврзан со процесот на реконструкција на мостот кој треба да биде завршен преку тендерска постапка, но како што рече, се залага при решавање на проблемот да се почитуваат сите законски обврски и критериумите за добивање на дозволите.
И премиерот е согласен дека доколку не се реши проблемот РКЕ ќе донесе одлука за висока цена на парното.
– Доколку не се успее со тој просец ќе имаме проблем со греењето на Скопје, бидејќи во овој случај важна е топлинската енергија која се произведува во централата „Те-То“. Доколку нема топловод тогаш кај цената на парното, како што кажа претседателот на ЕКЕ, ќе имаме цунами. Затоа ЕСМ сериозно постапува за решавање на проблемот и се подготвува побрзо да го реши проблемот – рече Ковачевски.
Тој е сигурен дека има доволно време процесот да се заврши пред грејната сезона.