Од јануари до ноември АД ЕСМ од сопствени капацитети има произведено 3.373 гигават часови и споредено со истиот период лани тоа е е зголемување од 26 отсто. АД ЕСМ има задолженија од Владата за дополнително снабдување на енергетски субјекти, државни институции и бизнис-сектор и количината енергија што не стигнува ЕСМ да ја произведе за нив, се дополнува со набавка преку ЕСМ Продажба, соопшти директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
На прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши, Ковачевски рече дека имаат зголемен капацитет на ископ на јаглен од сопствени наоѓалишта, има склучено договори за набавка на јаглен од Албанија и дека денеска почнала испорака на нови количини јаглен од Грција од 600 илјади тони во наредните 12 месеци, по цена од 59 евра по тон што, рече, е најниска постигната цена во Европа.
– Имаме и нов договор за испорака на мазут до јуни следната година и сме обезбедени и со јаглен и мазут до крајот на топлинската сезона – додаде Ковачевски.
Директорот на АД ЕСМ информираше дека за декември е обезбеден гас за топланите, склучен е договор и за набавка на топлинска енергија со ТЕТО по регулирана цена и дека на крајот на декември ќе биде објавен повик за набавка на гас за период од јануари до април.
– Снабдување со електрична енергија е сигурно и стабилно, производството е зголемено и нема прекин на испорака на електрична енергија. ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино се повторно вклучени во производство, се работи на решавање на прашањето со трансформаторот за блок 3 во РЕК Битола – додаде Ковачевски.