Премиерите на Македонија, Србија и на Црна Гора, Димитар Ковачевски, Ана Брнабиќ и Дритан Абазовиќ на прашање на Танјуг како го гледаат регионот во 2023 година, изразија очекување дека тој ќе продолжи да покажува единство и солидарност, како и дека ќе се случат важни чекори кои ќе значат целосно нов почеток за Западен Балкан којшто, како што нагласуваат, има што да понуди и на Европа и на светот, јави дописникот на МИА од Белград.
Ковачевски, одговарајќи на прашање на Танјуг, вели дека смета оти оваа година за Македонија ќе биде подобра од 2022 година, но и за регионот, како и дека очекува со веќе докажаната и покажана солидарност, евентуално новите пречки да се надминуваат.
– Никој сам не може ништо, затоа ние секогаш инсистираме и ќе инсистираме на добрососедство и солидарност. Кога човек има пријатели и поддршка, и ако работи напорно, не постои недостижна цел – изјави Ковачевски.
Тој потсети дека сите ќе имаат корист од ефектите од заеднички вложениот труд и од реализираните проекти.
– Како резултат на многубројните договори и меморандуми во рамките на „Отворениот Балкан”, меѓусебната трговија расте, настапуваме заедно со нашата винска и туристичка понуда, поедноставувајќи го пристапот до пазарот на трудот. Очекувам дека тоа ќе биде мотив и други земји од регионот да се приклучат на иницијативата со која Западен Балкан станува европски и отворен во практична смисла на зборот – рече Ковачевски.
На прашањето како го гледа регионот во 2023 година, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија ќе продолжи да биде длабоко посветена на иницијативата „Отворен Балкан” и на сите други регионални иницијативи и во оваа нова година.
– Со нетрпение очекувам да се воведе електронска идентификација за сите граѓани како дел од иницијативата „Отворен Балкан” – ИД картички, кои ќе ни овозможат да ги преминуваме границите без никакво задржување, практично да нема граници меѓу нас и да имаме непречен проток на стоки, луѓе, капитал и услуги – рече Брнабиќ.
Таа додаде дека едвај чека да ги види граничните премини каде ќе има единствена означена лента за камиони и патнички возила од земјите од „Отворен Балкан”.
Таа нагласува дека акцентот го ставила на иницијативата „Отворен Балкан”, бидејќи таа е „наша сопствена, автохтона иницијатива, покрената од нас од регионот” и изразува искрена надеж дека полека ќе и се придружат и другите партнери од регионот.
Претседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, очекува сите во регионот да бидат помудри и посветени на пријателството и заедништвото, дека меѓусебно ќе се гледаат како пријатели кои ќе градат заедничка иднина за доброто на сите граѓани, а истовремено ќе го зголемат животниот стандард.
Тој додаде дека е неопходно да се промени досегашната практика, дека не смееме да се гледаме како непријатели, туку како пријатели, соседи, луѓе со кои ќе соработуваме, живееме и градиме заедничка иднина.
Абазовиќ нагласи дека навистина верува оти сите во регионот годинава ќе бидат помудри, поодлучни, поправедни и подготвени конечно да напраат исчекор.
Претседателот на Република Српска Милорад Додик на истото прашање на Танјуг одговри дека смета оти настаните од изминатите децении, како и актуелниот конфликт во Источна Европа ќе влијаат на развојот на настаните во регионот и додава дека во такви околности тешко е да се биде оптимист, но и даек нема основа ни за песимизам.