Парламентарните избори се дефинирани согласно закон исто како што се дефинирани и претседателските избори, изјави предмалку премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на барањето што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба на која ќе се утврди датум за изборите.
– Ова барање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е уште едно од низата барања за да ставање настрана на институциите во државата, ставање настрана на Парламентот во државата, ставање настрана на процедурите и законите и договарање на некакви маси на нешто што е регулирано со закон. Кај нас точно е дефинирано кога ќе се одржат претседателски избори, кога ќе се одржат парламентарни избори во нивните редовни термини. Што се однесува до лидерски средби, ние сме имале лидерска средба, може да имаме и повторно каде што нормално ќе учествуваат сите лидери бидејќи одлуките за избори се носат со консензус. Меѓутоа и тоа прашање е апсолвирано веќе со оглед на тоа дека ние имаме поважен процес во државата од избори кои ќе бидат во својот редовен термин бидејќи веќе никој не зборува за предвремени избори, а тоа е носењето на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата – рече Ковачевски.
Ковачевски вели дека уште важи понудата до ВМРО-ДПМНЕ, уште во понеделник да се закаже седница на Собранието на кои ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат избори и да се оди на предвремени парламентарни избори.