Прашањето за предвремени избори е затворено, па во 2024 година прво ќе се одржат претседателските, а потоа и редовните парламентарни избори, рече премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното гостување на Сител.
Негов личен став е дека Влада од типот на Пржинската не ѝ е потребна на држава која веќе е членка на НАТО и која има отворено преговори со Европската Унија.
– Таа влада беше договорена низ едни тешки преговори кога нашата држава беше заробена држава, кога беше обзнането дека државните институции се злоупотребуваат политички и како резултат на преговори се дојде до една техничка Влада од 100 дена која ги спроведува изборите. Земја која е членка на НАТО, која отвори преговори со ЕУ, која претседава со ОБСЕ, која во моментов е фактор на стабилност на Балканот, сметам дека не треба да има – рече Ковачевски.
Тој вели дека лидерска средба нема да има, а убеден е дека на редовните парламентарни избори ќе победи сегашната коалиција.