More

    Ковачевски: Транспарентноста е одлика на демократски влади, сите институции да го следат примерот на Владата

    spot_img
    Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Транспарентност и отчетност – Совршен пар за враќање на довербата во институциите“ која денеска се одржа во хотел „Лимак“ во Скопје.
    На отворањето на конференцијата учествуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон.

    Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски на конференцијата во целост:

    „Чест ми е што денес сум дел од оваа конференција и што имам можност заедно со Институтот за комуникациски студии, заедно со сите гости, со почитуваниот амбасадор на Велика Британија, господин Лосон, со сите медиуми да поразговараме на оваа тема.

    Мислам дека веќе сите знаат дека и како премиер и како личност, сум човек кој сака бројки и факти. Бројките и фактите не лажат, не се подложни на интерпретација и на различни толкувања.

    Затоа ќе започнам со факт. Факт е дека од 2017 наваму, Владата е отворена и транспарентна, и тоа го докажуваат бројките кои произлегуваат од годишни, методолошки издржани и споредливи мерења.

    Бројките за Владата, според Центарот за граѓански комуникации, кој го мери Индексот на активна транспарентност велат дека во 2016 имало 25% транспарентност, која започнува да расте и во последниве две години достигнува и задржува 100% транспарентност.

    Бројките според регионалното мерење на ActionSEE, која го мери индексот на отвореност на 6 земји во регионот врз основа на голем број на индикатори, ја позиционираат нашата Влада како најдобро рангирана во однос на 107 институции кои ги мерат во Северна Македонија, и тоа со високи 77,68% со еден процент зад Црна Гора која е 78,68%. Овој позитивен натпревар со Црна Гора е според мене најздравиот натпревар кој две демократски земји може да го имаат меѓу себе.

    Важно да знаеме дека одговорноста има име и презиме. Секоја институција има некој кој ја раководи и лица вработени во истата со свои задолженија, обврски и одговорности. Така може да разговараме за Министерството за одбрана кое според Индексот има постигнато 100% неколку години со ред, финансии со 98,1%, здравство со 91,3% итн.

    Точно е дека има некои министерства кои сè уште го немаат стигнато нивото на Владата од 100%, но тука морам да нагласам дека скоро сите министерства имаат оцена „многу добра„ или „добра“ транспарентност. Воедно, земено во целост, вкупната активна транспарентност на институциите во 2023 е 76%, во 2021 била 63%, за разлика од 2016 кога била 45%. Тоа е индикатор дека активно работиме да се зголеми транспарентноста.

    Еве уште еден факт, Владата е отворена. Ова го докажуваат бројките на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер и достапноста на Канцеларијата на портпаролот за бројните одговорени новинарски прашања секојдневно.

    Извештајот на Генералниот секретаријат за барања за слободен пристап до информации од јавен карактер вели дека во 2019 се одговорени 131 од 140 барања. Кога зборуваме за барање тоа не значи едно прашање, туку често пати барањето се состои од стотици прашања. Во 2020 се 190 од 219 побарани, во 2021 се одговорени 754 од 760 барања, во 2022 се примени 58, а одговорени 57 барања.

    Постојат и мал број одбиени и отфрлени барања по законска основа, но нема неодговорени барања, а тоа се должи и на соработката со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

    Извештаите од мојот кабинет за слободен пристап до информации од јавен карактер, велат дека во 2022 сме имале 22 барања, во 2021 сме имале 40, во 2020 сме имале 25, и во сите овие три години нема неодговорено барање, односно или е даден одговор или е пренасочено кон институцијата која ја има информацијата.

    Она за коешто би сакал да дадам коментар е тезата на оваа конференција, односно идејата дека транспарентноста на Владата е од клучно значење за довербата на граѓаните. Граѓаните воглавно ја градат довербата врз основа на перцепција и лични искуства, а ретко врз основа на факти и научни мерења. Иако фактички транспарентноста и отчетноста може да биде висока, довербата може да биде ниска, и за тоа клучна улога играат неколку фактори.

    Ако сега излеземе надвор од оваа сала и прашаме граѓани колкава е транспарентноста на Владата која според мерењата е 100%, тие нема да одговорат со научен методолошки измерен факт, туку ќе одговорат каква е нивната перцепција и искуство за темата за која се прашани. Доколку пак прашаме колкумина од нив ги следат информациите директно од каналите на Владата, а колкумина преку медиумите, ви гарантирам дека повеќето ако не и сите, ќе посочат дека информациите за работата на Владата ги следат преку медиумите.

    Секако, медиумите имаат своја слободна уредувачка политика, која ние ја поддржуваме, на која институциите не сме ни помислиле да влијаеме, но мојата поента тука е дека врз перцепцијата на граѓаните влијаат медиумите со своето работење, од кои тие се информираат. И тоа ретко има врска со достапноста на информациите, колку што има врска со начинот на кои информациите се пренесени.

    И тука се согласувам со директорката на Институтот за комуникациски студии дека треба да постои еден процес кој ќе се отвори, кој веќе се заговара во ЕУ, во САД во однос на регулација на просторот посебно во социјалните медиумите. Во делот на саморегулирањето на медиумите, бидејќи Владата не планира да регулира медиуми исто така сметам дека и судството не треба да регулира и да се меша во тоа што е медиум, а што не е медиум. Тоа треба да го прават организациите на медиумите, меѓутоа и организациите на медиумите преку јасни критериуми да квалификуваат што е тоа медиум, а што не е медиум.

    Транспарентноста, иако секако дека мора да е на највисоко ниво, и ние се гордееме со тоа ниво како Влада, сепак не гарантира доверба кај граѓаните. Иако, обратното, затвореноста и нетранспарентноста со сигурност гарантираат недоверба.

    Има уште две причини за тоа.

    Транспарентноста не е засекогаш дефинирана, таа е процес кој постојано се надградува. Воедно, транспарентноста ги отскрива и недостатоците на системот. Нам како извршна власт ни помага да детектираме каде има проблем кој треба да се реши, и за нас транспарентноста е како рендгенска снимка за институциите.

    Но, тоа значи дека секој проблем, секој скандал, секое недоразбирање го слушаат, гледаат и читаат граѓаните. И тоа секако влијае врз перцепцијата на граѓаните. Ќе чуете коментари на анкетите „порано немаше олку проблеми“. За жал ги имало 30 години ама имало и власти кои се труделе тие информации да не стигнат до јавноста и да не се рашират и проблемите решаваат.

    И уште една кратка поента. Ние сме задоволни што како Влада сме мерени во транспарентноста и отчетноста, затоа што треба да подлежиме на сите контролни механизми особено на граѓанските. Но, будното око на јавноста треба да е исто така будно кога се во прашање и јавните претпријатија на локалната власт, општините и Градот. Бидејќи ние мора да разбереме во оваа држава дека имаме поделена власт и надлежности. Законодавна власт, тоа е парламентот. Имаме локална власт, тоа се општините и градот. Имаме правосудство, тоа се судовите и обвинителството. И нормално извршна власт тука се Владата и министерствата. Јас имам впечаток дека постојано како во некои стари времиња од пред 40 години постојано се прашува еден човек за транспарентноста на сите иако имаат поделени надлежности и одговорности.

    И затоа оваа транспарентност, како што Владата докажала дека може да биде 100% според релевантни, методолошки мерења треба да го направат исто и другите делови од власта и тука мислам на локалната власт, правосудната и на законодавната власт.

    Би биле понапредни доколку секоја институција вклучително и судството можат да се пофалат со транспарентност во која граѓаните кои што ги плаќаат даноците ќе знаат колку предмети се во обработка, колку биле од нив сработени, каков е резултатот.

    И ќе ви дадам една споредба, ако отидете на порталот на Министерството за  финансии, каде јас работев како заменик министер за финансии тргнувајќи од фактот дека најголемиот интерес на граѓаните и на медиумите беше колкаво е трошењето на буџетските средства, колкаво е прибирањето на даночните приходи, колкав е јавниот долг и колкави се капиталните инвестиции во моментот кога прашуваат, со министерот и со експертска помош од тогаш до денес и во иднина на порталот во секој момент, овие податоци можат да се проверат во риал тајм, односно кога се гледа информацијата на порталот. Тоа можат да го направат сите. Денес живееме во време на дигитализација, во време кога постојат огромен број на експерти, посебно од информациска, телекомуникациска природа кои тоа можат да го направат тоа.

    Она што за мене како премиер е важно, е тоа што јас ја претставувам политичката волја на Владата. А таа волја е преточена и во дела кои се докажуваат со методологија, и со политики. Пред неколку недели ја донесовме новата Стратегија за транспарентност 2023 – 2026 која подразбира институциите да го зголемат обемот на информации од јавен карактер што ги објавуваат на своите веб-страници. Соработуваме со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и Центарот за управување со промени, и го подготвивме Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор, во кое се содржани податоци за информациите кои граѓаните најчесто ги бараат, поделени во 37 области, со рокови кои обврзуваат кога, каде и што треба да се објави.

    Уште една мерка која е во насока на унапредување на транспарентноста, особено во делот на трошењето на буџетот, со владина одлука ги задолживме институциите не само преку Електронскиот систем за јавни набавки, туку и на своите веб-страници да објавуваат информации за спроведените јавни набавки. Претходно имавме мерки кои ги обврзуваа јавните институции да не можат да распишат јавна набавка без притоа да ги објават сите документи вклучително и договорот кој ќе го случат со економскиот оператор, сега одиме чекор понатаму во правец на обезбедување на таа информација на подостапен начин за сите заинтересирани.

    По мене, врвот во отчетноста на Владата е фискалната транспарентност и се гледа преку проектот „Отворен трезор“, преку која се отворија трезорските трансакции на национално и локално ниво, со што се овозможи поголем увид во трошењата.

    Нашиот фокус понатаму, како што е предвидено и во новата Стратегијата за транспарентност е дигитализирање и автоматизирање на отворените податоци, за да го намалиме човечкиот фактор и да го скратиме времето потребно за да се стигне до некоја јавна информација.

    Јас сум убеден дека ова е нашиот процес за европеизација и унапредување и дека тоа ќе нè забрза на патот кон полноправното членство во ЕУ и ќе нè направи пофункционална и поотчетна и транспарентна држава. Преку зголемената но и дигитализирана транспарентност можеме да постигнеме многу од целите кои се дел од нашите преговори со Европската Унија. Тоа е мојата заложба, и заложбата на оваа проевропска Влада која ја води државата.

    Ви благодарам“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img