Премиерот Димитар Квачевски денеска соопшти дека владиното мнозинство е силно и стабилно, а реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласови.
Како што напомена Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по закројувањето на лозјата во кавадаречкото село Ресава, причините за реконструкцијата не се персонални, туку целта е реализирање на реформите.
– Реконструкцијата што ја поднесов не беше водена од персонални и кадровски побуди, туку за државата да има стабилно мнозинство, да се донесат економските закони и правосудните, да се реализираат реформите, да не се дозволи блокада од опозицијата. Сметам дека сите владини партнери се за ефикасна работа на Собранието, а Алијанса за Албанците ќе го зајакне мнозинството – истакна Ковачевски.
Тој додаде и дека одлуката што ја донесе Демократски сојуз не петставува никакво нарушување на стабилноста на владиното мнозинство.
Премиерот рече оти очекува нивните функционери да ги поднесат своите оставки, посочувајќи на заменик министерот за локална самоуправа.
– Ме радува што Демократски сојуз кажа дека останува на европскит пат и на поддршка на такви одлуки што не можеше да се потврди до сега во пракса, освен декларативно. Видовме вчера дека пратеникот на ДС не го гласаше Договорот Фронтекс, но сепак има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса. Очекувам нивните функционери да ги поднест своите оставки, тука пред сѐ мислам на заменик министерот за локална самоуправа – рече Ковачевски.
Како коалициска Влада, додаде тој, остануваат отворени за сите политички партии, поединци и организации кои се за продолжување на европскиот пат на државата и за полноправно зачленување во ЕУ.
– Се надевам дека како искусен политичар господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев – рече Ковачевски, уште еднаш истакнувајќи дека владиното мнозинство е силно и стабилно, а реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласа.