Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители,светите браќа Кирил и Методиј, испрати телеграма со честитки до архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан, членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ценетото свештенство и монаштво, како и до сите православни верници во нашата земја.
Премиерот Ковачевски, во честитката, го нагласи огромното значење на сесловенските просветители Кирил и Методиј во создавањето на првото словенско писмо во коешто се наоѓаат корените и на македонската писменост.
„Празникот 24 Мај секоја година го осветлува епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј како создатели на првото словенско писмо – глаголицата во коешто се наоѓаат корените и на македонската писменост и како христијански рамноапостоли и сесловенски просветители, кои успеваат да ја разбијат тогашната тријазична догма и да ја издигнат словенската култура на рамноправно рамниште со трите други култури во тоа време во Европа.
Така е кодифициран и книжевниот црковнословенски јазик, во чија основа лежи македонскиот словенски говор од околината на Солун“, се вели во честитката на премиерот Ковачевски.
Браќата Кирил и Методиј, како што се нагласува во честитката, се издигнуваат и во темелници на интеркултурализмот поради значењето што го имаат за единството на европските народи, прогласени за светци од Православната црква и за созаштитници, односно патрони на Европа, од Римокатоличката црква.
„Со оглед дека развојот на словенската писменост, а со тоа и на македонската писменост, продолжува да се одвива на македонска почва под закрила на Охридската архиепископија, духовно-просветителското наследство на светите браќа Кирил и Методиј има безвременско значење и за нашата автокефална Македонска православна црква – Охридска архиепископија, која од лани е признаена како рамноправна со сите православни цркви, заедно со македонската писменост, јазик, култура и идентитет“, стои во честитката на премиерот Ковачевски.
„Нека е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј!“- порача премиерот Ковачевски во телеграмата упатена до архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.