Ковачевски: Постоиме благодарение на 11-октомвриското победничко востание и АСНОМ, да бидеме и денес на вистинската страна, напредокот!

Lorita
By Lorita 18 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по повод одбележувањето на државниот празник Денот на народното востание- 11-ти Октомври, денеска во Куманово на Спомен- костурницата присуствуваше и говореше на свечениот настан под слоганот „Секогаш на вистинската страна“.

Премиерот Ковачевски истакна дека одбележувањето на овој празник е продолжение и насока за нашата иднина, а нашата денешна битка е да продолжиме по патот на напредокот и мирот, без да дозволиме кој било и што било да ни го попречи овој пат.

Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски:


„Почитувани граѓани,
почитувани претставници од Сојузот на борци од Народноослободителна борба,
Почитувани пратеници и министри,
Почитуван градоначалник на Куманово
почитувани пријатели – претставници на меѓународната заедница,
почитувани медиуми,
почитувани присутни во револуционерно Куманово, на Централната свеченост, во чест на 11 Октомври – Денот на востанието, во денешна суверена, самостојна и независна Македонија.

“Денес“ е продолжение и насока!

Tоа што го правиме ние денес, одредува каде ќе бидат нашите деца и нашата држава – утре!

Затоа, од најголемо значење е да се биде на вистинската страна!

Изборот на нашите претходници покажува дека – да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот!

И денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква – да продолжиме по патот на  мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат!

Таков е заветот, таков е најсветлиот аманет изграден и оставен од нашите предци, кои секогаш и одлучно, ја избирале вистинската страна.

Затоа, за секој кој го почитува македонското минато и си ја сака родната земја, ова е патоказот и во одлуките денес и утре! И засекогаш, во сите времиња!

Бележникот на македонската историја испишува дека 11-ти октомври 1941-та година го означува почетокот на антифашистичкото востание и на Народноослободителната борба.  Но, тоа значело и продолжување на слободарските заложби за самобитност и државотворност од Илинденското востание, 1903-та година.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, нашата држава во 1941-та година застанала на страната на слободата, на правдата, на целокупното прогресивно човештво, против уништувачкиот фашизам и нацизам во светот.

Водени од илинденската идеја за слобода, македонскиот народ и сите народи во нашата држава, во 41-та, ги формира првите партизански одреди коишто прераснаа во доброорганизирана, над стоилјадна, народноослободителна армија, којашто, по четири години, се избори за слободарскиот идеал.

Данокот на оваа победа е во крв: страдања и загуби на луѓе, на домови и огромни економски штети.

Но, денешна, Република Северна Македонија постои благодарение на ова, 11-октомвриско победничко антифашистичко  народноослободително движење, чијшто политички успех е првото заседание на АСНОМ, кога народот го официјализира и идеалот за сопствена македонска држава.

Ова е непобитна вистина!

И ние како граѓани, сме и мораме да бидеме вечно благодарни!

И многу важно почитувани граѓани, сите ние, денес сме на вистинската страна, на патот на напредокот и мирот, бидејќи борците од Народноослободителната борба во 1941-та година се избориле и ни го покажале патот, кога во Втората светска војна го отфрлиле окупаторот и се избориле за слободата и државотворноста.

Овој континуитет, да се биде на вистинската страна, го задржале и генерациите од поновата македонска историја, кога во 1991-та година, при распадот на тогашна Југославија, отфрлиле нов раздор и војна, се обединиле во етничките и сите други различности и избрале по мирен пат да ја создадат независна Република Македонија.

Застанавме на вистинската страна и со членството во Обединетите нации, каде обезбедивме меѓународно признание  македонскиот јазик, на нашиот македонски идентитет и на нашата заедничка држава на рамноправни народи: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други – во единствената, суверена и независна Република Македонија.

Бевме на вистинската страна и кога во 2001-та година спречивме меѓуетничкиот конфликт да прерасне во граѓанска војна, со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Застанавме во огромно мнозинство на вистинската страна и во 2017-та година кога ја обновивме демократијата во државата, по премрежјата на нестабилност и изолација на домашен и меѓународен план.

На вистинската страна се поставивме и кога одлучивме да градиме Едно општество за сите и како функционална, мултиетничка држава, Европа во мало. Нашиот уникатен и одржлив модел на демократија е она по што денес светот нè гледа и препознава. Ние сме регионално, европски и меѓународно препознаени како фактор на стабилност, безбедност и развој..

Застанавме на вистинската страна и во 2018-тата година, со потпишувањето на Договорот од Преспа, по што станавме 30-тата полноправна членка на НАТО. Денес, во услови на мировните закани во глобален контекст, се сфаќа вистинското значење на оваа тешка, но единствено исправна одлука, со којашто ги зацврстивме територијалните граници на нашата држава на европската и светската мапа.

Пред предизвикот сме да ги реализираме и европските интеграции и да станеме полноправна членка на Европската Унија, што е нашата втора рамноправно важна, национална и државна стратешка цел.

Европската Унија,  јасно и гласно, во документите, преку европските лидери и на дело, во формалната комуникација што е достапна на сите граѓани, секојдневно, но и трајно го потврдува признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Ја имаме целосната поддршка и во развојот на нашата мултиетничка граѓанска држава.

Недвосмислено се почитува и нашето практикување на европски вредности во унапредувањето на добрососедските односи.

Се вреднуваат и нашите определби со коишто се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ, во поглед на позициите во војната во Украина.

Како што за време на Втората светска војна народот во нашата држава се стави на вистинската страна во борбата против фашизмот, заедно со народите од европските држави и САД за да се постигне светскиот мир и просперитет – и денес сме рамо до рамо со државите членки на ЕУ и на НАТО, на страната на светскиот мир и напредок.

Во услови кога агресијата и војната, неочекувано за 21-от век, се појавува повторно, значаен е сечиј придонес во унапредувањето на меѓусебното разбирање и во дијалогот како цивилизациски придобивки.

Ние покажавме, низ сопствен и конкретен пример при зачленувањето во НАТО, дека примената на функционална и успешна дипломатија за сопствените државни, но и заеднички, на нашите сојузници, интереси и вредности е можна.

Денес, седиме на заедничка маса со европските лидери, во Европската Унија и без посредници, лично, ги адресираме и актуелните предизвици со обезбедувањето енергија и храна и посочуваме и бараме решенија за сите прашања што ги цениме за важни.

Тоа е придобивката од започнатите преговори со Европската Унија!

Членството во Унијата нам ни е потребно, за да го осигураме развојот на државата, според европските демократски принципи и стандарди.

Но и на Европската Унија ние сме ѝ потребни, како стабилизирачки фактор во регионот на Западен Балкан.

Оваа историска шанса не смее и нема да се пропушти!

За нас внатре, дома е најважно и неопходно да продолжиме со следните забрзани чекори во евроинтеграциите.

Да се избере да се продолжи со евроинтеграциите до полноправно членство во ЕУ, денес значи повторно да се биде на вистинската страна!

Овој избор е пред генерациите на денешнината и на ова прогресивно политичко раководство на државата.

Владата и јас како Премиер сме подготвени да предводиме на патот кон целосно зачленување во ЕУ, со целосна цврста и трајна заштита на националните и државните интереси.

Во исто време, повикувам на максимална посветеност во решавањето на овој наш генерациски предизвик, со одговорно однесување од страна на сите пратеници во Парламентот и на сите политички и општествени чинители во државата.

Ќе повторам дека нема лесен пат до вредна цел.

Историјата бележи дека за остварувањето на секој идеал е потребна цврста одлучност, напор и верба.

Низ нашата историја, до денес, донесени се тешки одлуки кои барале различни жртви.

За време на Втората светска војна тоа биле човечките жртви.

Денес, кога го имаме дијалогот како средство за доаѓање до помирувачки решенија – никој нема право да ги погази делата на борците, нивната жртва и нивната верба дека еден светол ден, многу скоро, нашите  нови генерации ќе живеат во својата родна Македонија која што ќе биде напредна  земја членка на ЕУ.

Секоја генерација е исправена пред свои предизвици, коишто бараат избор. И никој нема право да го избегнува изборот на која страна ќе застане – кон напред, или во стагнација, во регрес со непредвидливи последици по иднината.

Партизаните, со почит кон минатото, избрале да гледаат кон иднината на својата земја, дури и кога тоа значело на неа да се положи сопствениот живот.

Денес, да се почитува минатото и да се гледа кон иднината, значи да се продолжи по стапките на борците од Народноослободителната борба, од чијшто виор е макотрпно изнедрена нашата држава и да се овозможи повторно нејзиниот натамошен напредок.

Ако порано напредокот барал обединување за да се постигне слобода, и своја држава основана на својот вековен јазик и идентитет, независност, како и членство во НАТО – денес да се биде на вистинската страна значи европски интеграции, примена на европските вредности, постигнување на европскиот животен стандард, придонес во европскиот мир.

Денес, во глобалниот контекст на случувања, да се застане на вистинската страна значи да се помогне да се обезбеди безбедниот и економски напредок и живот  на граѓаните.

Блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план,  изолацијата на државата – се погрешна страна! И со ништо не може да се оправда ваквото однесување, бидејќи е современ чин на предавство на својот народ и својата држава.

Ако прифатиме дека значењето на антифашистичката борба е безвременско и државничко, дека е одраз на континуитет и бара континуитет, тогаш европскиот напредок на Република Северна Македонија е нашата вистинска страна и нашата битка кон успехот на тој план.

Свесен сум за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации, коишто повремено и намерно се стимулираат во земјава, од страни, чиишто интерес се реакции – спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, или со подлабоки мотиви.

Но, ние сме целосно посветени на заштитата на државните интереси и кон институционални решенија, согласно законите и европското поведение и на овој начин ќе се справуваме со таквите предизвици.

Веруваме дека, како и за сè досега, нашата мудрост е и врата и клуч за нашата европска иднина – клуч за предизвиците и врата за решенијата.

Оние кои се заробени во историјата, ја заробуваат и историјата во себе и така таа станува нивна кочница.

Но ние имаме европски поглед и тој е насочен кон иднината, врз база на историјата од којашто учиме и која што ја славиме како што ја славиме и денес тука во Куманово на 11 Октомври.

Така нејзината вредност наместо да заробува – ослободува и води напред. Оваа гледна точка нам нè поставува на вистинската страна и со тоа ни дава за право да веруваме дека ќе успееме во битката на нашето време.

Тоа е погледот напред каков што го имале Мирче Ацев, Стив Наумов, Коста Солев Рацин, Бајрам Шабани, Христијан Тодоровски Карпош, Ибе Паликуќа, Михајло Апостолски и многу други знајни и незнајни борци во НОБ, кои дејствувале по примерот на  Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Никола Карев, Питу Гули и други бројни илинденци, а за чии подвизи пишувале Славко Јаневски, Ацо Шопов, Блаже Конески, се пишува денес и ќе се пишува за навек на македонски јазик.

Почитувани граѓани, почитувани присутни,

На ова свето место, Спомен костурница во Куманово, вечниот дом на околу 300 борци кои своите животи ги положиле во темелите на родната земја, оддаваме искрена почит кон сите борци во антифашистичката  и народноослободителна борба и ја испраќаме пораката дека светиот аманет да се биде На вистинската страна е примен, чуван, реализиран и ќе биде предаден на идните генерации, како отсекогаш, во името на добрата иднина на Република Македонија.

Како што се вели во една мудра порака: Да направиме нешто вредно за читање, или нешто вредно за пишување.

Почитувани граѓани,

Дозволете како роден кумановец да искажам искрени позиции. Чест и гордост ми е што сум Македонец. Чест и гордост ми е што сум роден во Куманово. Најголема, врвна одговорност и обврска ми е што во еден од најтешките периоди ја имам обврската да ја водам државата!

Тогаш, кога е најтешко, кога треба да се покаже храброст, смелост, одважност, чесност и најмногу од се правдина и визија! Како и многу други наши поранешни, сегашни и идни сограѓани!

Денес и утре, во следната блиска иднина, сите наши сограѓани, убеден сум дека ќе покажат и докажат дека ја поддржуваат вистинската страна на обединувањето, на соживотот, на прогресот и на иднината!

Целата наша држава, нашите граѓани никогаш не биле на погрешната, на малата, на ситната, на страната на дневната политика!

Моето, нашето Куманово, нашата држава, секогаш била вистински, искрено, без двоумење, на вистинската страна! Така било, така е, така ќе биде! И знам дека тоа ќе биде одлуката на сите наши граѓани, во сите наши градови и општини!

Сите досегашни, а особено идни одлуки, на нашата држава и на Европската Унија ќе покажат и докажат дека нашиот македонски јазик е признат и потврден, нашиот национален идентитет е признат и прифатен, а нашата држава е рамноправна со сите Европски држави!

Може да има многу скептици, политиканти, калкуланти и слични на нив! Имало такви и во минатото, има сега, ќе има и во иднина!

Но, ве уверувам, тие не се на вистинската страна!

Сите тие се на погрешната страна!

И мое, ваше, наше Куманово, цела држава ќе биде сведок дека многу брзо ќе следат бројни институционални, политички, економски и безбедносни Договори со Европската Унија, како Фронтекс Договорот, кои ги договараме и ќе ги потпишеме на македонски јазик како рамноправен јазик со сите јазици на Европската Унија. Тоа е најдобар начин и јасни факти кои не прават рамноправни граѓани и држави со сограѓаните од Европската Унија! Од самиот почеток на нашите преговори со Европската Унија во едно сме целосно убедени и непоколебливи, исто како нашите предци- дека нашиот вековен македонски историски национален, јазичен и културен идентитет е посебен, обезбеден, зачуван и унапреден! Сега и во иднина!

Е тоа е начин како се брани и развива држава!

Со срце, со памет, со душа, со верба, со знаење!

И во тешко, а денес и во арно, а и утре во најдобро!

Ве повикувам искрено, како и секогаш да веруваме, да имаме верба и да го дадеме нашето најдобро за нас, самите!

Обединети, На вистинската страна да продолжиме напред! Нашите најголеми победи како во минатото, да ги направиме најголеми успеси во сегашноста и иднина.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на востанието! Да живеат граѓаните, да живее слободна и независна Македонија!“

Share This Article