Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека од понеделник Владата ќе ја разгледува предлог – иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група. Ковачевски најави дека ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во наредните десетина дена на која би разговарале за носење на одуки за интеграцијата на Северна Македонија и за усогласување на ставовите за односите со соседните земји.
– Јас планирам и да го поканам во текот на наредните 10 дена на средба на која што ќе разговараме за две теми. Првата тема ќе биде коишто јас ќе ги предложам како теми, првата тема ќе биде како домаќин, нормално како претседател на Влада, носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и второ, усогласување на ставови за односи со сите соседни држави на Република Северна Македонија – рече Ковачевски кој денеска беше во скопскиот Клинички центар.
Одговарајќи на прашања за уставните измени, Ковачевски кажа дека очекува во понеделник предлог-иницијативата од работната група да биде во архивата на Владата и потоа дека ќе се најде на седница на Владата.
– Тие вчера ја имаа испратено, што значи во понеделник ќе биде во архивата на Владата и нормално дека потоа ќе се најде на седница на Владата, така што Владата ќе го разгледа со големо внимание со оглед на тоа дека во подготвувањето на предлогот учествуваа професори по уставно право, професори по сродни права на уставното право, претставници од практиката на уставното право и претставници на политички партии и потоа согласно процедурата откако Владата ќе го разгледа и усвои ќе го достави до Собранието на Северна Македонија бидејќи ова е во моментов најзначаен процес во државата – смета Ковачевски.
Претседателката на работната група Цаца Николовска, како што кажа, вчера го објаснила концептот и повторно паднале „во вода сите лаги коишто беа кажувани во текот на изминатите две-три недели“.
– Претседателот на опозицијата кажуваше дека ќе сме станувале бинационална држава, па тринационална држава, па држава на еден народ, неколку нации и заедници и на крајот да излезе дека всушност работната група има направено предлог којшто практично е согласно со заклучоците на Собранието, а со цел исполнување на обврските коишто произлегуваат од преговарачката рамка со ЕУ и токму на тие документи се повикува и предлог-иницијативата за уставните амандмани коишто ќе бидат предложени до Собранието – рече премиерот Ковачевски.
Запрашан за тоа дали албанските партии ќе го поддржат предлогот имајќи го предвид нивното барање за бришење на „20 отсто“ од Уставот и да биде напишано албански јазик, Ковачевски рече дека многу јасни пораки дојдоа од претставниците на ЕУ и дека верува дека не само тие, туку и сите партии во Собранието ќе го поддржат предлогот.
– Многу јасни пораки дојдоа од сите претставници на ЕУ и на претседатели на држави членки на ЕУ во однос на тоа која е обврската на нашата држава и кои се обврските на ЕУ. Дека ќе биде одржана меѓувладина конференција која што ќе започне со скрининг процесот како и за секоја држава и штом ќе ги направиме уставните измени веднаш без закажување ќе се одржи и втората меѓувладина конференција за отворање на поглавјата и на кластерите. Што значи дека имаат преземено свои обврски коишто ги исполнуваат, имаме преземено ние наша обврска која што треба да ја исполниме. И затоа верувам дека не само албанските партии, туку сите политички партии и сите пратеници ќе ја поддржат оваа одлука во Собранието – рече Ковачевски.
Целта е, како што потсети, државата да продолжи кон исполнувањето на својата втора стратешка цел после зачленувањето во НАТО, а тоа е зачленувањето во ЕУ, што не е процес на еден човек и на една партија туку за сите политички партии и за сите граѓани.
Премиерот е дециден дека, како што вели, засега имаме предлог што ќе биде разгледан од Владата и ќе биде доставен до Собранието.
– И сите политички партии треба да бидат свесни дека ова е процес заради интеграција во ЕУ, а впрочем многу јасни пораки испрати вчера и сенаторот Крис Мартин од САД којшто кажа дека треба веќе да се определат политичките партии во државата – дали се за ЕУ и за НАТО и за САД или дел од нив ќе сакаат да останат заложници на Димитар Апасиев и на Русија – потенцира Ковачевски.
Коментирајќи ги изјавите од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека нема да поддржат уставни измени и за наводна негова оставка, премиерот повтори дека тоа се фикции на лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека единствен кој кажал дека ќе си поднесе оставка е самиот Мицкоски.
– Вие гледате дека кога човек нема концепт, како што нема претседателот на опозицијата, односно претседателот на ВМРО-ДМНЕ бидејќи лидер на опозицијата е Димитар Апасиев, тој ја креира реториката, тој постојано измислува фикции за неговите колеги од раководството – вели Ковачевски.
Според него, единствен кој кажал дека ќе даде оставка бил Мицкоски и побара како што кажа, да си ги среди прво своите ставови.
– Значи, единствен којшто кажал дека ќе си даде оставка во оваа држава е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ којшто кажа дека ако еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ гласа дека ќе си даде оставка, па потоа кажа да му дадат нотарски заверки дека нема да гласаат. Потоа кажа дека ќе гласа ако било храватскиот модел за да после тоа каже дека нема да гласа по ниедна цена. Така што, тој прво мора да си ги среди своите ставови – рече премиерот најавувајќи дека во следните десет дена ќе го покани на средба.