Премиерот Ковачевски посочи дека на вториот Самит на Европската политичка заедница клучните теми ќе бидат поврзани со изнаоѓање начини како Европа да се поврзе подобро, со цел да се обезбеди подобра комуникација меѓу луѓето, подобри телекомуникациски системи, подобра инфраструктура вклучително и енергетска инфраструктура, како клучни предуслови за политичката интеграција на регионот, особено на земјите од Западен Балкан, како и за забрзување на интеграцијата на земјите како што е Северна Македонија.
Во изјавата за медиуми, премиерот Ковачевски посочи дека во текот на денот ќе оствари средби со повеќе државници присутни на вториот Самит на Европската политичка заедница како средба со премиерката на Данска, премиерот на Молдавија и други.
Дополнително, во одговор на новинарско прашање пред почетокот на вториот Самит на Европската политичка заедница, премиерот Ковачевски посочи дека стратешка цел на државата е полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година и дека скрининг процесот треба да заврши многу скоро. Истакна дека земјата ја очекуваат политички одлуки со кои ќе се овозможи отворање на кластерите и поглавјата. Северна Македонија покажа дека низ дипломатија и тешки одлуки успеа да стане земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и земја претседавач со ОБСЕ, фактор на стабилност во регионот.
Премиерот Ковачевски посочи дека Европската политичка заедница не е замена за процесот на интеграција, туку напротив заедница која ќе обезбеди подобра соработка на целиот регион во насока на надминување на предизвиците со кои се среќава Европа, а кои се предизвикани од руската воена агресија врз Украина. Премиерот Ковачевски посочи дека настани како овој денес, се одлична основа за креирање политички одлуки кои ќе обезбедат поголема поддршка за сите граѓани.
Во продолжение ви ја доставуваме целосната изјава на премиерот Ковачевски:
„Среќен сум што денес учествувам на вториот самит на Европската политичка заедница, тука во Кишињев, Молдавија. Ова апсолутно не е никаква замена за членство во ЕУ туку напротив ова е начин на којшто земјите членки на ЕУ заедно со сите други земји од Европа кои делат исти вредности заедно со претседателката на Европскиот парламент, претседателката на Европската Комисија, претседателот на Европскиот Совет, работиме на теми кои се најголеми предизвици во моментов во Европа. Пораките коишто вчера ги споделија и претседателката на Европската Комисија и претседателот Макрон, се исклучително позитивни. Тоа што јас го зборував во нашата држава, дека сега е отворена вратата за интеграција во ЕУ со оглед на геополитичкиот момент во кој се наоѓа Европа а и дел заради тој геополитички момент се и вакви состаноци на кој присуствуваат 47 државници и претставници на меѓународни големи организации, практично е момент кој треба да се искористи.
Второ започнавме големи инфраструктурни проекти во делот на патната инфраструктура. Трансевропските коридори ќе бидат дел од овој состанок, потоа 5Г поврзувањето меѓу граѓаните исто така и тука имаме што да кажеме, со оглед на тоа што процесот на 5Г поврзување кај нас започна. Секако и поврзувањето луѓето мислејќи тука пред сè на институциите но и на академската заедница на науката и истражувањата ќе бидат дел од темите на кои ќе разговараме. Овој состанок е навистина е важен, Европа останува заедно, Европа никогаш не била пообединета, после првиот состанок на кој бев присутен во Прага на европската политичка заедница, нашите министри од економските ресори пред сè министерот за економија, започна да учествува на состаноците на министрите за енергетика на ЕУ како и министерот за транспорт и врски заедно со министрите за транспорт и врски на ЕУ и како резултат на тоа ние бевме држава која на најдобар начин успеа да се справи со енергетската криза, успеавме Коридорот 8 да го ставиме на мапата на трансевропските коридори, што не беше случај до сега.
Само низ едни вакви состаноци, на иста маса седиме заедно со претставниците на сите држави на ЕУ и на земјите кои делат исти вредности е начинот на кој може да се оди напред. Секако ќе разговараме и за политичката интеграција, таа вчера беше истакната и многу јасен став имаше претседателката на ЕК, којашто по состанок со мене тоа го сподели на многу експлицитен начин дека сега е времето кога треба да се донесат одлуките за да Северна Македонија го продолжи патот кон евроинтеграцијата и до 2030 година да станеме членка на ЕУ. Исто така имав состанок со претседателот на Франција на кој разговаравме во детали за процесот кој следи, го информирав за тоа дека се започнати уставните измени, практично предлогот на иницијативата е направен од работната група, доставен до Министерството за правда, ќе биде доставен до Владата, кој подоцна ќе оди во Парламент. Пред тоа јас ќе имам состанок со претседателот на најголемата опозициска пратија ВМРО – ДПМНЕ и нивниот тим на кој ќе го споделиме планот, со тоа сметам дека кај нас има капацитет како што и досега имало да се донесат вакви одлуки кои ќе овозможат подобра иднина за нашите граѓани.
По јасната и многу силна порака на американскиот сенатор Марфи и амбасадорите во државата, вклучувајќи ја тука и американската амбасадорка, холандскиот амбасадор во делот на интеграцијата на државата, сега сметам дека на сите во нашата држава им е јасно дека прво, имаме предлог преговарачка рамка доставена од 27 земји членки на ЕУ, дека таа преговарачка рамка нема да биде преговарана, бидејќи навистина ги содржи нашите барања кои што ги имавме, а тоа е чист македонски јазик, потврден и со договорот Фронтекс, заштитен македонски идентитет, она што претстои пред нас е една од многуте одлуки до влегување во ЕУ, а тоа е вклучување на други делови од народи во нашиот Устав, вклучително и бугарскиот народ.
Со тоа сметам дека се постигнува уште една многу значајна цел, бидејќи конечно веќе ќе се стави крај на онаа теза којашто беше дека се работи за еден народ во две држави, за прв пат ќе имаме во Уставот и Македонци коишто се веќе, меѓутоа тука сега ќе бидат јасно диференцирани и Бугарите со што таа теза веќе еднаш засекогаш ќе заврши и нема да биде тема на разговор. Темата на македонскиот јазик со потпишувањето на договорот Фронтекс, каде што македонскиот јазик е заедно со сите други јазици на земјите членки на ЕУ, одобрени од сите земји членки, вклучително со македонскиот јазик, ја затвори и другата тема, македонскиот идентитет ќе биде дел од мозаикот на културните вредности на ЕУ и со тоа сметам дека веќе е јасно дека пред нас има одлука за Европа или за изолација“.