Европската Унија направи стратешка грешка пред неколку години, кога на Северна Македонија и на Албанија им беше наметнато вето на европскиот пат, а таа грешка не може да се реши за пет минути зашто стратешките грешки имаат свој ефект во период од најмалку пет до 10 години.
А грешката што ја направи, ЕУ ја согледа откако почна војната во Украина – рече премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање од панелот „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ во рамки на Глобалниот безбедносен форум „Глобесек 2023“ во Братислава.
Говорејќи за се поголемиот економски јаз меѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, ковачевски оцени дека стандародот на новите членки, како Словачка, Полска, Чешка, се должи најмногу на членството во ЕУ. Тој потсети дека во периодот на југословенската федерација, сите овие земји имаа десетпати понизок стандард од Југославија.
Тој се осврна на тешкиот пат на Македонија во интегративните процеси.
– Не постои држава којашто требаше да донесе потешки и помачни одлуки од нас. Северна Македонија го промени името за да стане членка на НАТО и членка на ЕУ. И кога се заврши со референдумот, кога Собранието изгласа – НАТО испорача, а ЕУ не. Тоа се факти. Таму измислија вето поради владеењето на правото и некои други работи.
Нашата независност како земја ја почнавме пред 32 години како дел од поранешна поголема земја. Создававме институции од ништо. Почнавме од нула. Голем дел од овие институции се изградени заедно со земјите од ЕУ и со поддршката на САД, а тие навистина имаат високи институционални способности – рече Ковачевски.
Тој порача дека ЕУ, а пред сè Советот на Европа треба да има јасна стратегија за интеграција на преостанатите земји од Балканот што не се дел од Унијата.
– Дали сметате дека сите земји коишто се приклучиле кон ЕУ биле на нивото на Франција, Германија и Шведска? Не би се согласил. Можам дури и да кажам дека интегритетот на македонското Собрание во поглед на поплаки, во поглед на антикорупција, е многу повисок од оној на Европскиот парламент – рече Ковачевски, додавајќи дека во овој период „како да се заборавиле Копенхашките критериуми за членството во ЕУ“.