Ковачевски ја повика Бугарија да ги почитува пресудите на Судот за човекови права

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, коишто Бугарија ги нема спроведено до денес во однос на почитувањето на правата на здружување на Македонците.

– Ние секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани коишто во која било друга држава се самоопределуваат како Македонци. Македонци има во скоро сите држави во светот, како што има Македонци во САД, во Германија, во Швајцарија, така има Македонци и во Бугарија и во Грција, значи луѓе кои се определуваат како Македонци и ним им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Постојат и пресуди на Судот за човекови права што Бугарија ги нема спроведено до денес и затоа ги повикувам уште еднаш бугарските власти согласно со одлуките на Судот, согласно со европските правни норми за заштита на малцинските права исто така и тие да постапат, бидејќи се работи за земја членка на ЕУ и тие граѓани кои се граѓани на Бугарија а кои се самоопределуваат како Македонци, во исто време се и граѓани на ЕУ, бидејќи да не заборавиме дека Бугарија е членка на ЕУ. Затоа уште еден повик од моја страна да бидат почитувани сите права, исто како што кај нас се почитуваат правата на сите етнички заедници и на секој поединец кој се самоопределил различно од Македонците или од другите кои се дел од нашето општество – рече Ковачевски денеска при посета на Клиниката за гастроентерохепатологија во одговор на новинарско прашање.

На новинарско прашање дали ќе побара признавање на македонско малцинство во Бугарија, тој рече дека постојат генерално две уставни уредувања од тој аспект во делот на малцинските права.

– Едното е каде што индивидуалното право на самоопределување се остварува колективно. Таков устав имаме ние на пример, каде што заедниците можат да бидат дел од уставното уредување, таков има Хрватска. На пример, Во Хрватска сите кои се дел од хрватското општество, 24 делови од други народи, се дел од хрватскиот Устав. Меѓутоа, има држави каде што уставното уредување предвидува дека индивидуалното право на самоопределување се остварува индивидуално. Tакви устави имаaт Бугарија, меѓутоа и Франција. Што значи дека таму постои индивидуално право на самоопределување, што се остварува согласно со законите што произлегуваат од такво уставно уредување – нагласи премиерот.

Затоа, додаде Ковачевски, јас многу внимателно кажувам дека има граѓани во Бугарија кои се самоопределуваат како Македонци и ним им припаѓаат правата што согласно нивното уставно уредување, согласно европските норми, правила на европските институции, на Советот на Европа, на Судот за човекови права треба да им биде овозможено да ги остварат исто како што на секој граѓанин којшто се самоопределува на подруг начин од Македонците во нашата држава му припаѓа правото согласно нашиот Устав и нашите законски определби кај нас да може да ги оствари своите права на колективен начин.

– Прво, има политичари во Бугарија, има политичари секаде кои сакаат да ги нарушат односите помеѓу соседни држави и помеѓу држави во поширокиот регион. Постојат и поединци и пропагандисти кои работат за интересите за трети страни коишто не сакат да го видат овој регион интегриран во ЕУ. Сметам дека ние треба да имаме институционални односи на највисоко ниво со сите наши соседи, како што имаме на пример со Србија, со Албанија и со другите и треба да бидеме на тоа високо ниво. И затоа нашите институции секогаш постапуваат согласно со правилата на меѓународното право согласно со добрососедските односи коишто се на врвно ниво во нашата држава – нагласи Ковачевски.

Share This Article