Предлог-буџетот за 2023 година треба да обезбеди сигурност и стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст. Предлог-буџетот за 2023 е точката од која тргнуваме на еден нов пат на кој, како и досега успешно ќе ја менаџираме кризата и последиците од кризата, но и со кој ќе овозможиме полека, но сигурно да закрепнуваме и да растеме и да го подигнеме животниот стандард, нагласи на денешната прес-конфернеција во Владата премиерот Димитар Ковачевски.
Тој потенцираше дека со предложениот буџет се обезбедува економска и енергетска стабилност, како и поддршка за граѓаните и компаниите во услови на светска економска и енергетска криза.
Ковачевски образложи дека фокусот на предлог-буџетот е во неколку столба, односно справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции, како и транспарентност и отчетност кои ќе се постигнат преку покажани резултати и имплементација на буџетот.
– Владината поддршка за справување со кризата, секако ќе продолжи. Сите антикризни мерки за заштита на стандардот, дополнителната финансиска поддршка за најранливите, како и мерките за одржување на цените на основните прехранбени производи, обезбедувањето на пониска цена на електричната енергија во однос на пазарната за регулираните потрошувачи, ќе продолжат и во текот на целата идна година. Од вкупниот буџет за антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра – истакна премиерот.
Ковачевски наведе дека се обезбедени средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост итн.
Тој додаде дека предвидено е да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврдено решение.
Премиерот истакна дека предвидени се и зголемувањата на платите во образование, како и зголемувањето на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година.
– За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени. Во овој сегмент би сакал да ги споменам и трансферите кои се планирани до единиците на локална самоуправа. За 2023 година се планирани вкупно речиси 434 милиони евра во ДДВ и блок дотации кон општините во кои се планирани средства и за исплата на покачените плати на 40.000 просветни работници, кои годинава се покачија за 15 отсто. Владата дава сериозна поддршка како и секоја година до општините, а оваа година, планирани се и 57,5 милиони евра повеќе од 2022 за оваа намена – наведе премиерот.
Претседателот на Владата информираше дека за плати во јавна администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра, а за здравството како систем се планирани 685 милиони евра.
– Стабилниот економски раст следната година ќе се обезбеди преку одржување на макроекономската стабилност и понатамошна фискална консолидација, како и преку капиталните инвестиции. Во услови на криза носители на економскиот раст ќе бидат капиталните инвестиции кои на среден рок треба да обезбедат позитивни ефекти и реално приближување кон европските економии, истакна премиерот.
Ковачевски посочи дека за 2023 година се проектирани 52,3 проценти повеќе капитални расходи во однос на 2022 година.
– Така, во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот, но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компаниите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови, продолжуваме со проектот за гасификација на државата, рече премиерот.
Ковачевски истакна дека продолжуваат со капитални инвестиции во земјоделството со кои обезбедувааат пред сѐ зголемено домашно производство на храна, поддршка за земјоделците, како и поддршка за модернизација на земјоделството.
Тој наведе дека буџетот предвидува продолжување на имплементацијата на интензивниот инвестициски циклус во енергетскиот сектор, кој треба да обезбеди зголемување на вкупниот енергетски потенцијал.
Премиерот нагласи дека особено внимание се посветува на транзицијата кон обновливи извори на енергија, како и на енергетската безбедност и енергетската ефикасност на земјата.
– Заштитата на животната средина е исто така приоритет со новиот буџет. Изградба на пречистителни станици, канализациски мрежи, како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во источниот и североисточниот регион се дел од планираните инвестиции во овој сектор – додаде Ковачевски.
Тој наведе дека капитални инвестиции се планирани и во здравството, односно планирани се инвестиции за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, како и набавка на медицинска опрема.
– Иако не е во делот капитални инвестиции, сепак сакам да напоменам дека здравствената заштита, односно финансирањето здравствени услуги, но финансирањето на обврските на јавните здравствени установи, како што веќе кажав е планирано со над 680 милиони евра во буџетот за 2023, што е зголемување во однос на минатата во износ од 63 милиони евра – рече претседателот на Владата.
Тој наведе дека се планирани капитални инвестиции во образование, детска заштита и спорт се вложувања во изградба и реконструкција на основни и средни училишта, градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на студентски домови, опремување и реконструкција на универзитети и инвестиции во спортска инфраструктура исто така се планирани.
– Капиталните инвестиции во буџетот за 2023 се проектирани на 800 милиони евра. Знам дека во јавноста постои недоверба во однос на реализацијата на овие капитални инвестиции, но она што можам тука да го посочам е дека ова е мојот прв предлог буџет како премиер, прв буџет врз кој имам контрола за имплементација, и Ве уверувам дека лично ќе се заложам да имаме максимална реализација. Во време на криза, овие капитални инвестиции ќе ни обезбедат подобра иднина и подобар животен стандард, а тоа е она за кое јас како премиер силно се залагам – потенцираше Ковачевски.