More

    Коцевски ми врши брутален притисок, неговата ќерка изнесува информации од ЈО

    spot_img

    Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи денеска повторно го обвини републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски дека му врши брутален притисок, со цел Вишото ЈО да донесе нарачана одлука за предметот со бонусите во поранешното Специјално јавно обвинителство, односно да ја потврди одлуката на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција за одбивање на кривичната пријава што ја поднесе партијата ВМРО-ДПМНЕ.

    Хајрулахи го обвини Коцевски и дека изнесува информации од Републичкото обвинителство преку неговата ќерка, за која од свиркач добил снимка дека изнесените информации ги предала на еден медиум.

    Хајрулахи вчера беше оддалечен, односно суспендиран од функцијата виш обвинител, а одлуката за тоа ја донесе републичкиот обвинител Коцевски, откако ОЈО Штип поведе постапка против Хајрулахи за кривично дело малтретирање во вршење на службата.

    Обвинителот Хајрулахи вели дека суспензијата е дел од хајката на Коцевски против него, а има цел да се заплашат другите виши обвинители.

    – Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со одлука ме оддалечи од функцијата виш јавен обвинител, со образложение дека против мене се води кривична истрага во ОЈО Штип за мобинг, а всушност тенденцијата е мене да ме отстрани од функцијата и да ме замолчи. Истовремено, да ги заплаши и другите обвинители кои постапуваат согласно законот, а со цел да се донесат нарачани одлуки. Пред извесно време, на 19 септември, републичкиот обвинител ме викна кај него во канцеларија и ми рече дека за предметот со бонусите на вработените во СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и дека не треба да му се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Јас реагирав и кажав дека како обвинител не би се дрзнал на друг обвинител, кој постапува во предметот, да му наредувам да носи каква било одлука по нарачка – рече денеска обвинителот Хајрулахи на прес-конференција пред Јавното обвинителсто.

    Тој објасни дека според Законот за кривична постапка не мора да се укине одлука само во случај кога оштетениот поднесува жалба, туку може да се укине и за суштествени повреди на постапката. Во овој случај, партијата ВМРО-ДПМНЕ не е оштетена, туку е подносител на кривичната пријава. Хајрулахи вели дека обвинителот го проучува предметот со бонусите и кога ќе има одлука, јавноста ќе биде известена.

    – Државниот обвинител ми кажа што треба да правам за предметот, не ми даде простор да реферирам како се постапува во тој обемен предмет. Не може вчера стигнал предметот, јас утре да кажам каква ќе биде одлуката. Коцевски ми кажа одлуката да биде да се потврди првостепената одлуката на ЈО ГОКК и дека не треба подносителот на пријавата ВМРО-ДОПМНЕ да има својство на оштетен. После неколку дена, за да се врши притисок врз мене и врз обвинителот кој постапува по предметот, републичкиот јавен обвинител Коцевски ме извести дека ќе има вонреден надзор над работата на Вишото јавно обвинителство – вели обвинителот Хајрулахи.

    Хајрулахи раскажа дека надзорот бил извршен, а во трочлената комисија што го вршела, спорно било учеството на двајца републички обвинители кои не требало да бидат.

    – На двајца обвинители не им беше местото во надзорот. Едниот, обвинителот Елвин Вели до пред неговото заминување во Републичкото обвинителство беше мој прв заменик и обвинител кој постапуваше во сите предмети во Вишото ЈО. Втор член е обвинителката Лиле Стефанова, бидејќи се вршеше надзор над предметите од поранешното СЈО, од кое и таа беше дел, односно на предметите „Поштенска банка“ и предметот против тогаш обвинетиот Драган Павловиќ Латас. Според Законот за ЈО, 30 дена по надзорот треба да ни се достави извештај со констатации. Поминаа 30 дена, надзорот беше на 10 октомври, но ние сè уште го немаме извештајот. Од проверени и сигурни информации ќе ви кажам дека извештајот не ни е доставен со цел да се отстрани срамот од републичкиот обвинител, кој и тоа како брутално се однесува со Вишото обвинителство, затоа што од тројца, двајца обвинители одбиваат да се потпишат на извештајот од надзорот. Тие не се согласуваат со констатациите на еден јавен обвинител, кој што беше тенденциозен за целото време од надзорот – рече Хајрулахи.

    Тој не сакаше да открие кои двајца од вкупно тројца републички обвинители не сакале да се потпишат на извештајот од надзорот.

    Хајрулахи раскажа дека обвинителот Коцевски, дента кога го повикал да му врши притисок за предметот со бонусите на СЈО, му рекол дека против него е доставена претставка за наводен мобинг од неколку вработени во Вишото јавно обвинителство.

    – Во разговор со државниот обвинител, тој ми кажа дека содржината на претставката е смешна и крајно несериозна и во случај ако евентуално има мобинг, тоа треба да се процесуира во граѓанскиот суд, затоа што јавниот обвинител не е надлежен. Но, откако обзнанив дека обвинителот Коцевски преку неговата ќерка изнесува информации во медиум, тргнат сум поради истрага за мобинг. Не е легитимно ќерка на републички обвинител да изнесува информации од ЈО. Не би сакал да давам политичка конотација, сакам само да кажам за целиот притисок што се врши за предметот со бонусите и за изнесените информации од ќерката на обвинителот – вели обвинителот Хајрулахи.

    Во врска со кривичната пријава за мобинг, за кое ЈО од Штип покрена истрага, Хајрулахи рече дека не знае за што е таа пријава против него и од кого е, што е спротивно на Законот за кривична постапка. Рече дека ако е предмет на истрага, за тоа требало да биде известен. Додаде и дека пријавата во Штип е поднесена на 31 октомври, дента кога кажал дека ќерката на Коцевски изнесува информации во јавноста.

    – Во врска со наводно нарушените меѓучовечките односи во ЈО. Дали може да се создаде слика за една институција од четворица вработени во Обвинителството? Самите тие дојдоа и ми кажаа дека се инструирани и излажани и дека се прави тенденциозно, за да се оцрни мојата работа. Ми рекоа, обвинителе, ќе ве разрешат и ќе дојде на вашето место обвинителката која го сака тоа место – рече денеска вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img