Момчето убиец Коста К.(14) продолжува да ги шокира инспекторите кои го чуваат како и вработените во Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци во Белград, каде што беше сместен по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Како да не убил девет школски другари и училишниот чувар Драган Влаховиќ, замислува дека ништо не може да му се случи, дека нема казна и дека ќе го продолжи животот како и останатите негови врсници на слобода, дури и побарал да го пуштат дома за да ја накити елката за Нова година.
Порталот Република. рс објави дека тој ги прашал инспекторите кои се грижат за него 24 часа кога ќе го пуштат да си оди дома за да организира дочек за Нова година.
– Некако луто им кажа дека му треба време да набави украси, елка, да одбере и да купи подароци, како и да го украси станот. Рече дека за тоа му требаат десет дена и дека за сето тоа „не смее“ да губи време по 15 декември. Тој рече дека никако не би требало да го пуштат дома по тој датум, „бидејќи нема да има време да направи сѐ што планирал“. Дури и инспекторите кои добро го познаваа и веќе беа навикнати на неговите испади, останаа изненадени – изјавил информиран извор од болницата за српскиот портал.
Кога му било дозволено да ги следи часовите преку Интернет, тој очигледно сфатил дека тоа значи дека се враќа во „нормалниот живот“ и дека наскоро ќе биде пуштен од болница. Освен што веќе побарал да му се дозволи да се натпреварува по предметите во кои досега се натпреварувал, сега бара да се забрза тоа замислено враќање, а Новата година е згоден повод за тоа.
– Психијатрите ќе го кажат својот збор за него кога ќе завршат со вештачењето. Но, и без тоа, јасно е дека тој не е во допир со реалноста и дека неговата слика за злото што го направил е искривена. Оттука и таквите барања – објаснува психолог за српскиот медиум.
Момчето убиецот Коста К.(14) пред шест месеци влезе вооружен во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската населба Врачар и со истрели од огнено оружје уби девет негови врсници и училишниот чувар. По злосторството, Коста К. е сместен во Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци во Белград, неговиот татко Владимир Кецмановиќ, кој се сомничи дека необезбедено го оставил оружјето со кое е извршено делото е уапсен, а против неговата мајка е покрената истрага.