Ако пред извесен период слушавме дека се работело, а во позадина структури од претходната политичка гарнитура се обидувала на сметка на грѓаните да се богати, сега тоа не постои и сега навистина се работи, вели во интервјуто за магазинот на Друштвото за патишта, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– Најголем дел од проектите што ги затекнавме и што беа закочени веќе ги откочивме и со посветена работа дадовме силна динамика на активностите на терен. И резултатите се видливи. Имаме огромни инвестиции во патната мрежа, во железничката инфраструктура, во развој на авиосообраќајот и гасификацијата. Дадовме силен инпут во развојот на локалната инфраструктура, каде директно вложуваме 100 милиони евра во капитални проекти за општините само оваа година. Нема сомнеж дека сето ова ќе влијае врз економскиот развој на државата. Следната година дополнително планираме да инјектираме уште 250 милиони евра директна помош за општините, за реализција на капитални поекти. Имаме програма што ќе донесе нови инвестиции, нови работни места и просперитет – потенцира вицепремиерот Николоски.
Тој најави завршување на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, од Градско до Дреново, како и на пругата од Куманово до Бељаковце.
Во интервјуто Николоски се осврнува на потребата за модернизација на коридорот 10, но и за дозавршување на коридорот 8.
– Сметам и убеден сум дека изградбата на брзата пруга на коридорот 10 ќе донесе силен инпут во економијата, силен развој на домашните компании, повеќекратни бенефити за граѓаните и целото стопанство. Не сакам да давам кокретни рокови, ама брза пруга ќе настојувам да се изгради, бидејќи ова не е само наш проект, туку е регионална иницијатива. Мораме да се приклучиме за да обезбедиме брз и ефикасен транспорт до Централна Европа и обратно. Имав голем број на средби со нашите европски пријатели на оваа тема. На последниот економски форум во Солун ја потенцирав оваа наша иницијатива и наидовме на огромна подршка. Сметам дека ова е шанса која не смееме да ја пропуштиме – вели Николоски.
Во врска со коридорот 8, тој е стратешки за Македонија, за регионот и Европа, но за да има смисла, мора да биде изграден целосно, додава министерот.
– И токму тоа е што го зборувам цело време, дека сите земји заедно мораме да се фокусираме на изградбата на железницата ако сакаме да има функционалност. Во делот на источниот коридор 8, очекувам дека во духот на европските вредности и регионалниот развој ќе најдеме заедничко решение со Бугарија. Веќе имав средба со министерката од Албанија, со која разговаравме за иднината на овој проект и согласни сме дека коридорот 8 треба да го изградиме на ниво на функционален коридор – вели вицепремиерот Николоски.
Тој посочува дека претходно политиката се вмешала во проектите и поради тоа сите тие покажале слабости.
– Стручното мислење се изоставувало во креирање на квалитетни проекти. Ќе се сложам и дека преовладуваат многу нелогични прашања во однос на техничкиот карактер на проектите. Сведоци сме дека политиката премногу била вмешана во проектите и тоа се јавува речиси кај сите големи проекти, за што јавно говорам. Недозволиво е да се прави криминал со државни проекти и тоа на сметка на граѓаните. А примерите токму тоа го покажуваат – рече Николоски.
Она што е симптоматично е што никој не презема одговорност, додава тој.
– Но, тоа што е најважно за мене, за Владата и за граѓаните е да изградиме квалитетни автопати, да изградиме безбедна патна мрежа и притоа да ги заштитиме државните интереси – потенцира вицепремиерот Николоски.