Началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал-полковник Херзи Халеви, денеска изјави дека неговите сили оствариле нов напредок во спроведувањето на фазите од војната против Хамас во Појасот Газа, пренесе „Тајмс од Израел“.
– Постигнавме напредок во уште една значајна фаза од војната. Нашите сили се во срцето на северна Газа, оперираат во градот Газа, го опкружуваат и ја продлабочуваат копнената офанзива и достигнувањата. ИДФ се борат во густа и сложена урбана област, за која е потребна професионална борба и храброст – изјави генералот Халеви во базата на воздухопловните сили.
Генералот кажа дека војниците се вклучени и во блиска борба.
– Копнените сили имаат точни разузнавачки информации, и се поддржани со оган од воздух и море. Оваа соработка ја прави борбата многу поефикасна – рече началникот на ГШ на ИДФ.
Халеви, сепак, призна дека во оваа војна се плаќа „болна и тешка цена“, со 18 досега убиени војници во копнената операција.
– Го изгубивме најдобрите наши синови во војната, ги прегрнуваме нивните семејства… ќе продолжиме да победуваме – истакна Халеви.
Првиот човек на ИДФ исто така рече дека израелската војска има „обврска“ да ги врати дома сите заложници што ги држи Хамас и другите терористички групи во Појасот Газа.