Од Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) велат дека со одлуката што ја донесе денеска Управниот одбор на М-НАВ за упатување на обука на кандидатите за контролори на летање се затворил проблем за, како што вели, нешто што требаше да се реализира уште пред 15 дена без да се создаваат нервози и да се изнесуваат состојбите во јавноста.
Претседателот на ССКЛ Александар Тасевски во изјава за МИА најави дека ќе бараат одговорност од менаџментот за случувањата околу Огласот за изборот на кандидати за обука за контролори на летање.
– Сега се прават некакви интервјуа со кандидатите како аргумент за текот што го зеде целата ситуација по реакциите, што е неиздржано затоа што селектираните кандидати веќе ги поминаа сите фази. Нема да отстапиме и ќе бараме одговорност од раководството за целата ситуација и непотребните нервози со што се наруши кредибилитетот на нашата професија – изјави Тасевски.
Синдикатот во изминатите два дена преку медиумите реагираше на одвивањето на постапката околу огласот за избор на кандидати за обука на контролори на летање и побара да стартува обуката на селектираните кандидати, а од иста причина условни оставки доставија раководни лица од пониско ниво во М-НАВ- помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти,…
Како што појасни претходно Тасевски, во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани квалитетни кандидати, како што биле од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а можно е да треба да плаќаме пенали, изјави претходно Тасевски.
Случувањата во М-НАВ вчера ги коментираа и од Владата, од каде порачаа дека М-НАВ е институција со сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, но дека согласно со меѓународните стандарди е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка.
Откако М-НАВ АД Скопје вчера ги демантираше тврдењата на Синдикатот и најави дека процесот за кандидатите ќе биде завршен наскоро во предвидениот рок, денеска соопшти дека е донесена одлука за упатување на кандидатите на обука. Од М-НАВ во соопштението истакнаа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено било точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваат кон нормативните акти”.