Центарот за култура „Григор Прличев“ денеска распиша конкурс за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2022 година.
Конкурсот е отворен до 20 ноември годинава, а тематската содржина на поемата со која што се конкурира е од слободен карактер. За изборот на најдобрата поема ќе одлучува тричлена жири комисија.
Поемата не смее да биде помала од 912 стихови и секој педесетти стих треба да е нумериран. Делото треба да е напишано со големина на фонт минимум 11, испечатено еднострано на А4 формат во четири еднакви шифрирани примероци. На конкурсот еден автор може да пријави само едно дело, коавторски дела се неприфатливи. Конкурсот е анонимен, а за најдобрата поема предвидена е и парична награда, соопшти националната установа Центар за култура „Григор Прличев“.
Заинтересираните автори треба да испратат необјавена поема на адресата на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, улица Македонски просветители бр. 4, 6000 Охрид, со назнака „Пријава за избор на најдобра поема Григор Прличев за 2022 година“.
Поемите кои нема да пристигнат до определениот рок или нема да ги исполнуваат условите од конкурсот нема да бидат земени предвид за наградата.